Малата фамилија на големите примати штотуку доби нов член – претходно некласифициран тип на орангутан кој живее во изолирани колонии на Суматра. За жал, популацијата на овие новонајдени орангутани е толку мала (вкупно околу 800) што веднаш се придружија на листата на најзагрозените примати во светот.
Истражувачите ги нарекоа „Тапанули орангутан“, според областа во која живеат. Според нив, се работи за „географски и генетички изолирана популација“.
За постоењето на овие орангутани прв пат се зборуваше во 1997 година, а оттогаш истражувачите веднаш се фатија за работа за да проверат дали овие се исти како другите орангутани што живеат на Суматра. Раните истражувања покажаа и бихејвиорални и генетски разлики, но тоа не беше доволно за прогласување за нов вид – на светот има вкупно 6 различни вида големи примати, па таква класификација не е мала работа.
За среќа, научниците имаа среќа, па во 2013-та најдоа комплетен скелет од возрасен мажјак орангутан убиен во борба со неколку селани. Примерокот стана холотип – т.е. примерок кој се споредува со други примероци од орангутани (кои се чуваат во 10 институции низ светот), и може да постави основа за утврдување на постоење на нов вид. При споредбата, научниците најдоа значајни разлики во вилиците и забите на новиов вид орангутани.
Со ова откритие, сега има вкупно 3 вида орангутани. Генетската анализа покажа дека Тапанули се всушност најстарите, кои се одделиле од заедничкиот предок пред повеќе од 3 милиони години. Останатите два вида, Суматриски и Борнејски, се разграниле од заедничкото стебло пред „само“ 700.000 години.
Тоа што го прави ова откритие толку големо и возбудливо е и фактот што сé уште постои толку многу што не знаеме околу биодиверзитетот на нашата планета.
„Големите примати се меѓу најдбро проучените видови на светот“, вели Ерик Меијард од Австралискиот национален универзитет. „Ако и по 200 години сериозно биолошко проучување сé уште успеваме да најдеме нов вид во оваа група, тогаш што ни кажува тоа за другите нешта што ги пропуштаме? Скриени видови, непознати еколошки врски, критични граници што не треба да ги преминеме?“.