Осум дена по донесувањето, во Врховен стигна решението на Кривичен во врска со екстрадицијата на Блерим Рамадани

„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека денеска, 16.08.2024 година Основен кривичен суд Скопје, Кривичен совет на Одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по службена должност до Врховниот суд достави правосилно решение од 08.08.2024 година, во врска со екстрадицијата на лицето Блерим Рамадани од Урошевац, Република Косово, по кое е оформен предметот на овој суд, кој е распореден кај судија-известител за понатамошно постапување согласно законските надлежности“, се наведува во соопштението од Врховен

Основниот кривичен суд Скопје денеска до највисокиот суд во државата го доставил правосилното решение во врска со екстрадицијата на Блерим Рамадани, кој побегна откако со судска одлука беше префрлен од ефективен во куќен притвор, соопштија од Врховниот суд. 

Зградата во која се наоѓа Врховниот суд на Република Северна Македонија / Фото: Архива

Оттаму информираат дека решението на Кривичниот суд било донесено на 8 август, а Врховен веќе оформил предмет кој е распореден кај судија известител за натамошно постапување. 

„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека денеска, 16.08.2024 година Основен кривичен суд Скопје, Кривичен совет на Одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по службена должност до Врховниот суд на Република Северна Македонија, согласно член 68 став 2 од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, достави правосилно решение КИОК-КС бр.180/24 од 08.08.2024 година, во врска со екстрадицијата на лицето Блерим Рамадани од Урошевац, Република Косово, по кое е оформен предметот на овој суд КР-32/24, кој преку АКМИС-системот распореден е кај судија-известител за понатамошно постапување согласно законските надлежности“,

се наведува во соопштението на Врховниот суд, објавено на неговата веб-страница.  

Во меѓувреме, поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) останува недостапен за македонските власти откако побегна од куќен притвор кој му беше одреден наместо ефективниот во кој се наоѓаше до 1 август.  

Како што објави порталот „Сдк.мк“, Рамадани избегал од куќен притвор од домот на роднини во Македонија. Според порталот, по жалба на Обвинителството, тројца судии од Кривичен совет во средата му одредиле на Рамадани ефективен притвор од 30 дена поради опасност да избега. Извори од истрагата за „Сдк.мк“ откриле дека некој од Кривичниот суд му дојавил на Рамадани дека ќе го вратат во затворот во Шуто Оризари, па тој истиот момент избегал од Македонија. 

Рамадани беше уапсен во јули годинава на граничниот премин „Јажинце“ врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од страна на Република Србија, која го бара поради сомненија за извршени воени злосторства во регионот на Неродиме.  

Во однос на барањето на Србија за негова екстрадиција, косовските медиуми на 9 август, пренесоа информација на тамошното Министерство за надворешни работи, според кое Советот на Основниот кривичен суд во Скопје одлучил да не го екстрадира поранешниот припадник на ОВК. 

Зградата на Основниот кривичен суд Скопје / Фото: Архива

„Министерството за надворешни работи и дијаспора на Република Косово ја информира јавноста дека Советот на Основниот кривичен суд Скопје одлучил да не го екстрадира нашиот државјанин Блерим Рамадани“,

соопштија тогаш од косовското МНР. 

Според нивните информации, кои тогаш ги пренесоа косовските медиуми, Рамадани требаше да остане во домашен притвор во Скопје до конечната одлука на Врховниот суд на Република Северна Македонија.  

Бегството на Блерим Рамадани предизвика бура во политичките кругови во земјава, а остра реакција стигна и од официјален Белград.   

Судскиот совет денеска на итна седница донесе одлука да формира посебна Комисија која ќе требеа да ја констатира фактичката состојба во однос на одлуките кои непосредно пред бегството на Рамадани ги донел Основниот кривичен суд Скопје. 

Министерот за правда, Игор Филков, пак, изјави оти е изненаден што на денешната седница на Судскиот совет не било отворено прашањето за случајот со Блерим Рамадани и да бидат разгледани сите докази, аргументи и факти за одлуката на судијата Пајазит Пајазити, кој според информациите ја донел одлуката за куќниот притвор.  

„И секако доколку бидат утврдени било какви неправилности и недоследности во постапката и процедурата или пак од друга страна бидат утврдени влијанија при носење на судската одлука истиот да биде санкциониран и разрешен од функцијата“,

изјави министерот за правда за ТВ Канал 5.       

Телевизија 21 синоќа објави дека е можно Рамадани веќе да се наоѓа во родниот град во Косово. На социјалната мрежа Фејсбук е објавена фотографија од Блерим Рамадани со извесен Несрет Шашивари, кој во објавата се претставува како негов внук. Во постот се вели: „Чичко Блерим Рамадани, добредојде дома, во нашиот роден град“.   

- Реклама -