Египетскиот суд ја осуди познатата пејачка Шерин Абдел-Вахаб на шест месеци затвор и парична казна во износ еквивалентен на 560 долари, поради „навреда на државата“.
Станува збор за снимка од концерт на пејачката, на која пејачката ги советува своите фанови да не пијат вода од Нил.
„Навредувачкиот момент“ е кога фановите ѝ бараат да пее песна чиј наслов се преведува како „Се напи ли вода од Нил?“, која е напишана според египетската изрека дека тој што ќе се напие вода од Нил сигурно ќе се врати во Египет.
На тоа пејачката им враќа дека „подобро е да пијат минерална вода“, зашто Нил содржи паразити.
Подоцна Шерин се извини за коментарот и го нарече „лоша шега“, но џабе. Властите сметаат дека нејзината шега била „ширење на дезинформации“. Сепак, пејачката има право на жалба.