Ако сте изморени од мажи (или едноставно сакате да не постојат зашто сте радикална феминистка), на брегот на Финска сега постои остров што може да се покаже како идеална дестинација за одмор… од мажи. Таму такви суштества не се дозволени.
„Основан“ е од Кристина Рот, а инспирирана била откако престојувала во неколку велнес центри и одмаралишта во Калифорнија. Таму го забележала следното: „Секогаш кога ќе имаше згоден маж, жените ставаа кармин“.
Поентата на нејзиниов остров, кој патем го нарекува SuperShe („СуперТаа“), вели, е жените да се фокусираат на себе и само на себе. Во тоа ќе им помогне луксузниот ресорт кој ќе направи да се чувствуваат како дома, со мали куќарки со луксузен мебел, прекрасно зеленило и многу вода, ама и многу облачно време (последново е додавка на новинарот).
Рот решила да го купи островот откако ја охрабрил нејзиниот партнер. Неговите родители поседуваат остров во архипелагот, па биле информирани дека се продава комшискиот.
SuperShe ќе биде отворен во јуни, а јавните резервации ќе почнат од јули. За да добијат „ексклузивно членство“, жените ќе треба да пополнат апликација и да напишат зошто се возбудени околу тоа свое членство. Апликацијата ќе се смета уште посериозна ако во прилог испратат и видео порака.
Што се однесува до цените… Се чини дека неприсуството на мажи и „креирањето на безбедна средина за жени“ скапо се наплаќа. Според Cosmopolitan, ол-инклузив еднонеделен престој ќе чини од 3.500 долари па нагоре. Дури човек да помисли дека ова е само некоја шема за да се измолзат пари од ултрагневни феминистки…