Основачот на социјалната мрежа Facebook, Марк Закерберг и неговата сопруга Присила Чан станаа родители за прв пат.
31-годишниот Закерберг сподели фотографија со новородената ќерка по име Макс заедно со отворено писмо, посветено на надежите за начинот на кој ќе изгледа светот во нејзината иднина.
“Тоа е свет во кој нашата генерација ќе може да развие човечки потенцијал и да промовира еднаквост – преку третманот на болестите, образованието, посветено на развој на личните способности, употребата на чистата енергија, воспоставување на врски меѓу луѓето, градење на силни заедници, намалувањето на сиромаштијата, обезбедувањето на еднакви права и ширењето на разбирањето меѓу различните народи “, пишува тој.
“Ние сме подготвени да дадеме свој скромен придонес за да помогнеме во создавањето на овој свет за сите деца. Во следните години ќе дадеме 99% од акциите на Facebook – кои моментно се во износ од 45 милијарди долари – за да се приклучиме кон оние кои настојуваат за подобрувањето на светот за идната генерација “, нагласува Закерберг.
Само пред 4 месеци Марк изјави дека го очекува своето прво дете, а притоа откри дека во последните неколку години неговата сопруга преживеала три спонтани абортуси.
Денес семејството им се заблагодарува на сите за поддршката во текот на бременоста на Присила.