Оштетена е спомен-плочата на загинатите бранители кај Карпалак – Одбрана иницира поставување нова во најкус рок

И Панче Тошковски, министерот за внатрешни работи го осуди оштетувањето на спомен плочата кај Карпалак, посочувајќи дека чинот е директен напад на нашата колективна меморија кон оние што до дале животот за зачувување на безбедноста и интегритетот на Македонија

Оштетена е спомен-плочата на загинетите бранители кај месноста Карпалак, информираат од Министерството за одбрана, посочувајќи дека настанот е регистриран уште во утринските часови и е пријавен во Министерството за внатрешни работи (МВР) со цел за преземање на соодветни мерки и идентификување на сторителите.

„Го осудуваме немилиот настан со оштетување на спомен плочата. Веднаш преземавме активности за поставување на нова спомен плоча. Истата ќе биде поставена во најбрз можен временски рок“,

велат од Министерството за одбрана.

Оттаму посочуваат дека изминатите седум години преземени се иницијативи за поставување на спомен обележје кај Карпалак што не се во согласнот со законската регулатива од оваа област.

„Не е земено предвид дека местото каде што е предвидено да се постави споменикот е заштитен појас каде може да се градат објекти во функција на автопатот и постојано се добивани негативни одговори од надлежните институции. Односно, преземени се активности за да не се направи апсолутно ништо“,

велат од одбрана.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека случајот е пријавен и до меѓународната заедница.

„Министерството за одбрана во координација со надлежните институции ги разгледува сите законски можности за поставување на достојно спомен обележје“,

напиша Мисајловски.

И Панче Тошковски, министерот за внатрешни работи го осуди оштетувањето на спомен плочата кај Карпалак, посочувајќи дека чинот е директен напад на нашата колективна меморија кон оние што до дале животот за зачувување на безбедноста и интегритетот на Македонија.

„Сакам да потенцирам дека ваквите дејствија нема да бидат толерирани, а МВР ќе ги преземе сите неопходни мерки за санкционирање на сторителите на овие кукавички дела, сè со цел заштита на нашите културни и историски вредности“,

вели министерот Тошковски.

На видеата што се споделени на социјалните мрежи се гледа дека е скршена и фрлена спомен плочата од облежјето кај Карпалак.

Кај Карпалак вчера беа одбележани дваесет и три години по убиството на десетте резервисти на македонската Армија. Поранешните бранители и роднини на загинатите упатија низа критики и остри зборови кон властите барајќи подобрување на нивната социјална положба и изградба на достоинствен споменик во чест на загинатите.

Со заклучок на седницата на Владата одржана на 28 септември минатата година, Владата ги задолжила Министерството за одбрана и надлежните институции, местата на кои загинале македонските бранители да му бидат доделени на Министерството за одбрана.

На 8-ми август 2001 година кај карпалак беа убиени бранителите Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ергоган Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитовски, Горан Миноски и Пеце Секуловски.

- Реклама -