Осаменоста како градски здравствен проблем

lonely

„Животот во Њујорк е како механички часовник, кој ве полудува од беспокој ако немате внатрешен стабилизатор“, пишува Хенри Милер околу враќањето во градот, по повеќе од 10 години поминати во Париз. Наместо да ужива што е дома (роден е во Бруклин, Њујорк), нешто едноставно не штима за познатиот писател. „Во Њујорк сите се чувствуваат осамено, со осаменоста на животно во кафез, која води до злосторства, секс, алкохол и други безумија“. А Милер не бил човек лишен од пријатели или шарм (се женел 5 пати), но сепак, отсекогаш се сметал себе си за аутсајдер. Од неговите изјави јасно се гледа дека вината за таа самотија најмногу се должи токму на неговиот роден град.

Дали мислите на Милер се доказ дека Њујорк – „големото јаболко“ каде што безброј луѓе доаѓаат во потрага по слава, работа, љубов, па и самите себе – е најосамениот град во светот? Едно е сигурно, градскиот живот е постресен од селскиот, но околу прашањето каде луѓето се чувствуваат поосамени се води долга дебата помеѓу социолозите.

Во еден извештај од 2016-та, се истакнува дека случаите на осаменост во градовите се почести, но она што е изненадувачко е причината за таквиот тренд. Во истиот извештај се констатира не само дека полот и образованието се ирелевантни (освен за оние со највисоко ниво на образование, кои често се осамени), туку и дека приходите на домаќинствата или грижата за домашно милениче имаат премногу мал ефект врз намалување на градското чувство на осаменост. Големината на домаќинството влијае обратнопропорционално на тоа како се чувствувате: колку помалку е домаќинството, толку поосамени се луѓето што се дел од него.

Понатаму, луѓето кои издаваат или изнајмуваат дом под кирија се поосамени од тие што живеат во области каде сите поседуваат свој дом, веројатно затоа што во градовите со многу кираџии (како Лондон, каде се очекува дека до 2025 дури 60% од жителите ќе живеат под кирија) често се принудени да се селат и помалку се ангажираат во контактите со локалната заедница и соседите. Њујорк, Лос Анџелес и Сан Франциско имаат нешто помал процент на кираџии – 50-55%, а кираџиите доминираат и во германските градови (долгорочна тенденција, која се припишува на ниските кирии и политиките за домување).

Едно е сигурно, процентот на луѓе кои живеат сами драстично е зголемен. Во САД такви се 27% од луѓето (во 1920 ги имаше само 5%), а во Њујорк – приближно една третина од жителите. Истиот тренд важи и за Канада и е уште поизразен во Европа – 58% од луѓето во Стокхолм живеат сами – стапка која се смета за највисока во Европа. Во многу градови таквиот тренд е траен. Австралиското биро за статистика тврди дека до 2025 година ќе има 1.3 милиони нови едночлени домаќинства – раст од приближно 60%, а тоа  може да доведе до пренаселеност на големите градови и да влијае на пристапноста на евтините станови.

Сепак, теоријата дека живеењето сам води до осаменост е мета на критики. Според  социологот Ерик Клиненберг, автор на Going Solo, овие две нешта се сосема противречни: „Всушност речиси и нема докази дека зголемувањето на бројот на луѓе кои живеат сами води до тоа да се чувствуваме осамени“, напиша тој во 2012. „Истражувањата покажуваат дека квалитетот, а не квантитетот на социјалните интеракции е недвосмислено главен фактор за осаменоста. Она што е важно не е дали живееме сами, туку дали се чувствуваме осамени“.

Во меѓувреме, демографската група која најчесто пријавува дека се чувствува осамено се постарите луѓе – и тие често живеат сами. Во Стокхолм, 35% од луѓето над 75-годишна возраст велат дека се осамени, додека во Бристол процентот е 10-15% (оттаму доаѓа и оној популарен слоган „Бристол: Одлично место за старост“). Постарите луѓе е поверојатно да бидат осамени во градовите, особено ако се посиромашни, имаат физички или психички проблеми или живеат во непривилегираните региони. Campaign to End Loneliness тврди дека 7% од постарите луѓе во Велика Британија се осамени. Според истражувачот на родови проблеми – Томас Скарф, пак, 16% од старите луѓе во сиромашните квартови во англиските градови се „болно осамени“. Ливерпул и Лондон имаат повеќе осамени стари луѓе од Манчестер, што може да објасни и зошто Манчестер ја третира осаменоста како урбан здравствен проблем: во 2009-та година, градот создаде програма наречена Valuing Older People, со цел да се справи со осаменоста и изолацијата кај оваа демографска група. Слични проекти се јавуваат и во други градови во Европа, каде осаменоста е последица на сегрегацијата, домувањета, здравствената грижа и изолацијата на старите луѓе и другите граѓани од ранливите категории.

Но не се само старите луѓе тие што страдаат од изолација. Во Австралија, градските жители имаат помалку пријатели отколку од пред две децении. Во САД дури 20% од луѓето велат дека имаат само еден близок пријател. Во една прилика, експертската група Vancouver Foundation побара од лидерите на заедниците и добротворните организации да ги идентификуваат најсериозните проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Одговорот не беше бездомништво или сиромаштија, туку изолација. Од 4.000 лица од околу 80 различни етнички групи кои учествуваа во анкетата, една третина велат дека имаат потешкотии во градењето на пријателства. Таму, во Ванкувер, кој е млад и хетероген град, новодојдените страдаат најмногу: од луѓето кои биле во Канада на период од пет години или помалку, речиси половина (42%) имаат само по еден-двајца блиски пријатели.

И пак, недостатокот од пријателства не е присутен само меѓу емигрантите. Жителите на Токио, на пример, се толку очајни за пријатели, што одат дотаму што „изнајмуваат“ такви. Американскиот писател Крис Колин, заинтригиран од јапонскиот бизнис со „пријателства под наем“ – од типот на кафулиња за гушкање и изнајмување на мачки, помина некое време работејќи за компанија која обезбедува привремени пријатели. Клиентелата е разновидна, пишува тој: вдовци и вдовици, самци и необврзани мажи. Најголемата од агенциите за изнајмување на пријатели – Client Partners, има осум филијали само во Токио.

Од другата страна на Јапонското Море постои друг проблем: масовна миграција. Кинезите од покраината се селат во големите градови како Шангај и Пекинг и се соочуваат со изолација од големи размери. Во 2012-та дури 230 милиони лица мигрирале од покраината кон градовите. (Повеќе од половина од населението на земјата живее во градови – раст од 33% во однос на 1990). Овие луѓе често завршуваат во ниско-квалитетни, густо населени домови и се подложени на дискриминација и ризик од ниско социјално учество, особено кога често се селат на друго место.

Научниците ги анализираа кинеските социјални мрежи, контактите и поврзаноста меѓу квартовите и маргинализацијата, и утврдија дека емигрантите се добрососедски настроени, но се соочуваат со дискриминација и во некои случаи крајно сурови услови за живот: една од корпорациите во индустрискиот град Шенжен смести над 200.000 вработени во интернати, по што се случи епидемија на самоубиства. Што ќе рече еден кинески извор, „нивниот дом стана нивно работно место“. Во Пекинг, емигрантите имаат поголем „соседски интензитет“ т.е. подобро комуницираат со заедницата, што покажува дека емигрантите можат и да придонесат со дел од потребните провинциски вредности во намалување на осаменоста во урбаната џунгла.

Ако животот во кинески мегаполис покажува нешто, тоа е дека осаменоста често се должи на надворешните околности. Таквиот заклучок не ја изненадува Оливија Ленг, која во својата нова книга – The Lonely City, го опишува нејзиниот престој во Њујорк по разделбата со партнерот.

„Проблемот со градовите е што сме тотално опкружени со луѓе“, раскажува Ленг за Globe and Mail. „Ги гледаме другите како живеат побогат и живот поисполнет со други луѓе од нашиот. Истовремено се чувствуваме многу незаштитени… Секој е пред очите на другите. Затоа осаменоста на градот има посебна и специфична болка“.

Често, осаменоста сепак е како лошото време – само поминува низ нашите животи. Значи ли тоа дека луѓето во Шангај или Берлин се поосамени од оние во Стокхолм или Ванкувер?

Ова прашање му беше поставено на еден од водечките истражувачи во оваа област – Џон Качиопо, од Универзитетот во Чикаго, и автор на книгата Loneliness. Неговото истражување ја оспорува тезата дека градскиот живот е генерално поосамен од селскиот и одбива да избере само еден град.

„Кој е најосамен град“ е интересно прашање, вели тој. „За жал немаме податоци, врз чија база можеме да дадеме одговор“.

Можеби Ленг е во право дека урбаната осаменост е привремена. Од друга страна, тука се тешкотиите на Хенри Милер во Њујорк. На крајот, сепак, во 1944-та година, тој си ги собира парталите и се сели во сончевата Калифорнија.

- Реклама -