Денешните консултации на Општина Чаир со одделението за јавни набавки, откако пропаднаа претходните два тендера за „Работни активности за уривање на дивоградби“, заврши со одлука да се распише нов, трет тендер за фирма што ќе ја руши, пред сѐ, дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“, пренесува „САКАМДАКАЖАМ.мк“.
Состанокот имаше за цел да се одредат понатамошните чекори и да се разгледа постоењето на можност, согласно Законот за јавни набавки, да се избере фирма без тендер, како заради рушење на дивоградбата кај „Мавровка“, така и за во иднина да се избегнат неуспешни тендери. Но, заклучокот од состанокот, како што велат од Општина Чаир, е дека единствен можен механизам е зголемување на проценетата вредноста на јавната набавка со цел да се поттикнат економските оператори да се пријават.
Со други зборови, за разлика од претходните кои вредеа 1 милион денари, за новиот тендер Општина Чаир ќе понуди повеќе пари. Истиот ќе биде објавен оваа недела, но Општина Чаир сѐ уште нема одлучено за сумата.