Екипи на ЈП „Комуналец“ се на терен и работат на расчистување на просторот од паднатите дрвја, сообраќајот е нормализиран, а екипите ќе продолжат со работа до целосно расчистување, додаваат од Општина Битола
Стручни екипи од Општина Битола, заедно со претставници на приватните фирми со кои општината има склучено договори за градежно-занаетчиски работи, ги санираа комуналните проблеми по вчерашното невреме во градот, информираа локалните власти.
Тие додаваат дека бил извршен увид во неколку основни и средни училишта, каде што биле пријавени штети по вчерашното невреме, кое беше предизвикано од силниот ветер.
„Во основните училишта ‘Коле Канински’ и ‘Свети Климент Охридски’ и средните училишта – гимназијата ‘Јосип Броз Тито’, економско училиште ‘Јане Сандански‘ и медицинско училиште ‘Д-р Јован Калаузи’ – констатирана е потреба од итна интервенција и од понеделник, во сите наведени училишта ќе се работи на санација на штетите“,
соопштија од локалната самоуправа.
Екипи на ЈП „Комуналец“ се на терен и работат на расчистување на просторот од паднатите дрвја, сообраќајот е нормализиран, а екипите ќе продолжат со работа до целосно расчистување, додаваат од Општина Битола.
„Во текот на ноќта интервенираше пожарникарската единица на ТППЕ – Битола на локации каде што имаше паднати дрвја и покриви, а екипи на КЈП ‘Нискоградба’ и ЈКП ‘Водовод’ работеа на нормализирање на водоснабдувањето во делови од градот“,
информираа од секторот за односи со јавност.
Претставници на Општина Битола се во постојана комуникација со ЕВН Електродистрибуција Битола, чии екипи работат на отстранување на дефекти на надземната среднонапонска и нисконапонска мрежа предизвикани од паднати столбови за дистрибуција на електрична енергија. Се очекува најдоцна утре целата мрежа да се врати во нормала.