Замислете дека ја играте вашата омилена first person игра во реалниот живот.
Се криете во шумите на Водно (на пример), а вашиот тим губи со две територии помалку. Вие сте единствениот преживеан и морате да ги елиминирате двајцата останати противници за да ги освоите териториите. Погледнувате во дисплејот, времето истекува, имате малку муниција, но имате полн бар health, полн штит. Налетувате на противниците и успевате да победите за влакно со неколку среќно прецизни стрелањa.
Ете тоа би требало да е Skirmos, open-source ласерска пушка со секакви опции. Може да свети во различни бои, можете да ја поврзете со компјутер и да направите ваша верзија и ваши услови за игра. Можете да наместите секакви сетинзи – енергија, муниција, време, тимови, соиграчи, класи, начин, Deathmatch, Capture the Flag – со Skirmos ќе можете да играте се што ќе намислите и да уживате во најреалистичната симулација на класична „пуцачина“. Надвор, дома, сеедно.
Оружјата ќе имаат одличен дизајн, но ќе немаат ништо од типичните особини на вистинските оружја и ќе биде невозможно да ги помешате со некоја реплика или вистинска пушка, ниту да ги употребите за такви неблагородни намени. Нема магазини, нема куршуми, нема начин да се повредите. Само ласер и open-source софтвер.
Барем ова се ветувањата на момците зад проектот, кој во моментов се наоѓа на kickstarter.com, каде што се надеваат дека ќе соберат 60.000 долари за да го преточат во реалност. До сега, имаат собрано околу 28.000 долари, па ако ви се допаѓа идејата (а ви се допаѓа) и ако можете да си дозволите, бујрум и помогнете им.