Генералното собрание на ОН ја усвои Резолуцијата со која 11 јули го прогласи за Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година, кој ќе се слави секоја година, повикувајќи се на пресудите на Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија, и нагласува дека кривичната одговорност за геноцидот е индивидуализирана
Генералното собрание на Обединетите нации со мнозинство гласови ја усвои Резолуцијата за Сребреница. За резолуцијата гласаа 84 земји, против беа 19, а воздржани 68.
Резолуцијата ја предложија Германија и Руанда. Текстот потоа беше спонзориран од уште 34 земји, вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики меѓу кои и Северна Македонија, освен Србија и Црна Гора.
Што носи Резолуцијата
Генералното собрание на ОН ја усвои Резолуцијата со која 11 јули го прогласи за Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година, кој ќе се слави секоја година, повикувајќи се на пресудите на Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија, и нагласува дека кривичната одговорност за геноцидот е индивидуализирана.
Резолуцијата исто така, го осудува секое негирање на геноцидот во Сребреница и ги повикува сите земји да го спречат негирањето на геноцидот со зачувување на утврдените факти, вклучително и преку нивните образовни системи.
Резолуцијата ја осудува глорификацијата на осудените воени злосторници и ја нагласува важноста од завршување на процесот на пронаоѓање и идентификување на преостанатите жртви на геноцидот во Сребреница.
Резолуцијата ги потсетува сите држави на нивните обврски од Конвенцијата за геноцид, кои вклучуваат спречување и казнување на геноцидот и почитување на релевантните одлуки на Меѓународниот суд на правдата.
Германската амбасадорка ја истакна важноста на Резолуцијата
За време на своето обраќање, германската амбасадорка во Обединетите нации Антје Лендерсе, ја истакна важноста на Резолуцијата, особено кога станува збор за забраната за негирање на геноцидот.
„Се шират лажни наводи за оваа резолуција, таа не е против Србија или која било членка. Судете го овој текст според неговите заслуги и оддадете им почит на жртвите“,
истакна Лендерсе додавајќи дека сите етнички заедници страдале за време на војната и дека целта е да се препознаат сите жртви.
Вучиќ: Резолуцијата нема да донесе помирување во регионот
Официјален Белград се спротивстави на усвојувањето на резолуцијата, тврдејќи дека на тој начин српскиот народ ќе биде прогласен за „геноциден“, додека во Сараево тоа го нарекуваат можност за продолжување на помирувањето.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ, во своето обраќање повтори дека Србија „подеднакво жали за жртвите од сите страни“, но и праша зошто таа реченица ја нема во Резолуцијата.
„Знаете зошто ја нема? Затоа што тие не мислат така“,
изјави Вучиќ.
Резолуцијата за Сребреница, како што наведе, нема да донесе помирување во регионот, туку ќе ја „отвори Пандорината кутија“ и ќе следат десетици барања за слични резолуции за прашањето за геноцидот.
„Овде не се работи за помирување и не се работи за спомени, ова е нешто што само ќе отвори стари рани и што ќе создаде политички хаос, не само во нашиот регион, туку и пошироко“,
истакна српскиот претседател во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН.