Олимпијадата во Рио почнува за нешто повеќе од еден месец. Градот забрзано се подготвува и интензивно гради нова инфраструктура и транспортен систем за да го угости претстојниот бран од странски посетители. Но, во Рио се работи на уште еден голем проект: криење и отстранување на сиромашните луѓе од видното поле на странците. Vox замина во градот за да ја документира оваа подла трансформација.
Јужниот дел на Рио е делот што е фенси, што го знаеме по гламурот и по статуата на Исус, по Копакабана и другите познати плажи. Аеродромот е далеку на северот, и за да стигнете до богатиот дел, мора да поминете низ Маре – северната област на градот каде што живее најголем дел од сиромаштијата.
Возејќи се така по автопатот, кон југот, нема да видите ништо од тие грди слики, затоа што од скоро, автопатот е ограден со висок, непровиден ѕид. Изговорот на властите е дека тој ѕид е подигнат за бучавата од прометниот автопат да не им пречи на луѓето што живеат покрај него. Да, владата одеднаш е загрижена за ушите и нервите на луѓето покрај автопатот, кои патем живеат во картонски куќи како во Шутка и Топаана, немаат канализација и вода, и немаат за леб. Има тука и една незгодна случајност: некаде попат, Рио изгради чичка ново училиште во стилот на елитниот југ. Баш е незгодно што токму таму, ѕидот е проѕирен.
Вистината е дека властите на Рио отсекогаш сакале да ги „избришат“ сиромашните од туѓите погледи, а очигледни симптоми на таквата желба има секогаш кога во Рио се очекуваат зголемени бранови од странски посетители. Овој пат, Летните олимписки игри им дадоа изговор на локалните власти пак да ја активираат „исклучителната состојба“ која започна со Светското првенство од 2014-та, и да посегнат по радикални мерки на штета на сиромашното население. Од 2009-та наваму, има преку 77.000 насилно иселени граѓани (според владините податоци), од кои многу имаа легално право на своите имоти, но сеедно, завршија во социјалните комплекси далеку од градскиот центар (и уште подалеку од очите на туристите).
Истото се случува и во западниот дел на Рио, во областа Баха, каде што се гради олимпискиот град. Таму 12-от најбогат Бразилец сака да гради „елитна населба за тие со вкус, каде ќе нема куќи за сиромашните“. Не само што овој човек ги има парите за да го оствари планот, туку ги има и правите „пријателства“ – тој лично многу дарежливо ја финансираше кампањата на сегашниот градоначалник на Рио, со кој е многу близок и често се гледани заедно.
Има мал проблем во планот – што во Баха веќе подолго време никнаа мали заедници на сиромашни луѓе кои не можеа да си дозволат живеалишта на друго место. Во меѓувреме, многу од овие луѓе/заедници ги легализираа своите имоти, но тоа не им беше од многу помош кога властите прогласија дека тие мораат да бидат иселени заради Олимпијадата. Најголемиот дел од нив се заминати: некои радо ги прифатија малите компензации, некои насилно беа иселени во шатори откако протестите пропаднаа, но има и мал дел што уште ѝ пркосат на елитата и одбиваат да ги напуштат своите домови – околу 20 од вкупно 600 семејства.
„Кога објавија дека Олимписките игри ќе се одржуваат овде, во Рио де Жанеиро, ние знаевме дека нашите проблеми само ќе се влошат“, вели Мариа де Пења, која во видеото ќе ја видите со пукнат нос.
Едно е јасно, тие што беа наивни дека Олимпијадата ќе му донесе профит на Рио/Бразил и дека дел од тие пари ќе завршат за доброто на сиромашните – гадно се излажаа. Парите навистина завршија за сиромашните, но за нивно сокривање од очите на јавноста.
Во меѓувреме, од листата на јавниот градски превоз се укинати 11 автобуски линии. Како се погоди да го поврзуваат баш сиромашниот север со богатиот југ на Рио – останува мистерија… демек.