Октомври-Месец на борбата против ракот на дојка, еден од најсмртоносните карциноми кај жените

Октомври ширум светот е прогласен како Меѓународниот месец на борбата против ракот на дојка. По тој повод денес, во Собранието се обрати претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите Жаклина Пешевска истакна дека ракот на дојка е втор најчесто дијагностициран рак кај жените по ракот на кожа, а е втор по причина за смрт од рак по ракот на бели дробови.

Таа потенцира дека честотата на оваа болест во последните 30 години расте на глобално ниво и тој пораст изнесува 3,1 проценти годишно, а морталитетот варира.
„Истражувањата покажуваат дека во просек една до осум жени во својот живот ќе развијат рак на дојка. Околу две третини од жените се на возраст од над 55 години, а останатите се помеѓу 35 и 54 години. На светско ниво има околу 2,1 милион новодијагностицирани случаи на карцином на дојка кај жени. Но иако оваа болест е една од најсмртоносните видови на рак кај жените, оваа болест ги погодува и мажите од еден до два проценти. Напредокот на медицината, болеста рак на дојка ја класифицира во болест која се повеќе е излечива, која може да се победи доколку рано се открие. Раната дијагностицирање е можност за оваа болест да се лекува, можност за живот и затоа сите ние треба да и го посветиме потребното внимание. Редовните лекарски контроли, самоконтролите и контролите во специјализираните лекарски установи можат да ни го спасат животот, а животот не заслужува изговори“, рече Пешевска.
Пешевска со повик до жените да му го посветат потребното внимание на нивното здравје и редовните лекарски контроли да станат дел од нивниот живот.
„Драги девојки, никогаш не е рано за да се грижите за вашето здравје. Драги сестри, жени и мајки најдете време да се грижите за себе како што се грижите за вашите сакани и не заборавајте дека секој преглед е важен“, рече пратеничката Пешевска.

Извор