Во Шпанија, речиси 4 илјади од заболените од коронавирусот се здравствени работници, односно речиси секој деветти заболен е медицинско лице, извести вчера шпанскиот центар за здравје.
„Имаме некои податоци кои не ни се допаѓаат, кои би требало да ги ставиме под контрола – како фактот дека заразени се 3.910 здравствени работници“, рече шефот на центарот за здравје – Фернандо Симон, на прес-конференцијата за медиумите.
Во понеделникот, бројот на заболени во Шпанија, која е втората најпогодена земја во Европа со Ковид-19 после Италија, изнесуваше 33.089 лица. Оттаму, заболени се околу 12% од здравствените работници.
Бројот на починати во понеделникот порасна на 2.182, односно за 462 повеќе отколку во неделата. Симон истакна дека 87% од починатите имале 70 или повеќе години.
Заразени и членови на владата
Потпретседателката на шпанската влада – 62-годишната Кармен Калво, хоспитализирана е во понеделникот во Мадрид поради респираторна инфекција. Владата рече дека нејзините резултати од тестот на коронавирус ќе бидат објавени штом ќе ги добијат.
Уште две министерки, како и сопругата на премиерот Педро Санчез неодамна се покажаа позитивни на Ковид-19.
Утре, среда, шпанскиот парламент би требало да одобри продолжување на вонредната состојба во Шпанија на дополнителни 15 дена, до 11 април.
Симон порача дека не е време 47-те милиони граѓани да се опуштат и истакна дека е потребно да се почитуваат ограничувањата на движењето и да се излегува само за да се отиде на работа, по храна и до аптека.
Здравствените работници, пак, со денови апелираат итно да им се испратат заштитни материјали, бидејќи болниците секојдневно се полнат со нови заразени.
Шпанската влада и компаниите исотвремено настојуваат да го произведат, набават и дистрибуираат тој материјал.
Шпанскиот ланец супермаркети El Corte Ingles вчера соопшти дека отворил телефонска линија и e-mail преку кои здравствените работници можат да нарачуваат намирници без да ја платат доставата.