Оклахома направи пресврт на гостински терен (видео)

Сан Антонио Спарс долго време важеше за непобедлив тим, ако се земе предвид низата од 20 триумфи по ред на избраниците на Грег Попович во финишот од регуларниот дел од сезоната и стартот на плејофот. Сепак, работите драстично се сменија во последните денови…

Откако Спарс загубија три меча во низа од Оклахома Сити Тандер, сега се наоѓаат на прагот на елиминација. По двата порази во низа на гостински терен, Спарс сега загубија и пред своите гледачи, со 103:108, овозможувајќи му на силниот состав на Оклахома Сити да направи целосен резултатски пресврт и да се најде на само еден меч до историски пласман во големото НБА финале.

„Не верувавме дека може да се добие меч во Сан Антонио, но ете и тоа се случи. Тренерот секогаш ни велеше дека секое излегување на паркетот значи и шанса за триумф, сега гледам дека бил во право. Одигравме одлично, изгинавме на терен и заслужено победивме“ – изјави Кевин Дурент, кој со 27 поени повторно беше најзаслужен за триумфот на Оклахома Сити.

{youtube}pY9GBmknm38{/youtube}

Расел Вестбрук постигна 23 поени за својот тим, а повторно одличен беше Џејмс Харден, кој реализираше 20 поени, но ја погоди и клучната тројка во последната минута од мечот. На спротивната страна, Ману Џинобили конечно доби шанса во стартната петорка и постигна 34 поени, но Аргентинецот делуваше осамено на овој меч и не успеа да му помогне на својот тим да го избегне третиот пораз во низа од Оклахома Сити.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -