Неколкуте дена дождови и надоаѓањето на сливните води од планините уште еднаш ги отворија раните на Вардар нанесени од нашата граѓанска несвест.
Илјадниците пластични шишиња и секаков друг отпад што можат да се видат во реката, особено во центарот на Скопје, се добар индикатор за тоа што народ и што институции виреат на просториве.
Како што добро знаат скопјани, ова не е ни првпат. Се случува безмалку при секое посериозно покачување на водостојот на реката, помогнато од закрченото корито како последица на градежните работи од проектот Скопје 2014. Но да не се залажуваме, тоа колку често ги гледаме шишињата не соодветствува со реалната слика – дека нонстоп ги има.
„Ова е тажна слика направена од нас самите. Ќе побараме од надлежните кој е сторител на ова дело за да се санкционира“, вели заменик министерот за заштита на животната средина – Јани Макрадули, пренесува НОВА.
Според него, идните вакви еколошки катастрофи ќе се избегнуваат со „нов пристап во третирањето на отпадот“, со акцент на селектирање и рециклирање:
„Како пример, Владата донесе одлука за селектирање на хартијата и пластиката во сите институции, и даваме поддршка на компании кои рециклираат отпад“…
…
Ама чекај малку, ако истите тие надлежни од кои сега очекува(ме) да си ја работат работата – си ја работеа работата, нели ова немаше ни воопшто да се случи?
Како и да е… и ова е позитивен чекор; во иднина, додека надлежните го ловат „сторителот“, очекуваме отпадот во Вардар да тече сортиран: пластичните шишиња во лева „лента“, машините за перење во средна, мртвите коњи во десна.