Вечерва свечено се отвора Охридско лето, еден од најзначајните културни фестивалски настани во нашата земја кој ќе се одржи по 64-ти пат оваа година. Фестивалот, кој го негува богатото културно наследство на Охрид, ќе се одвива на неколку сцени, привлекувајќи домашна и меѓународна публика со својот богата и квалитетна програма.
Од 1994 година, Охридско лето е член на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА), што значително придонесе за подигнување на реномето на фестивалот. На последниот Самит на уметнички фестивали во Гирона, Шпанија, успесите на фестивалот беа претставени пред најзначајните европски делегати, потврдувајќи дека Охридско лето продолжува да биде на вистинскиот пат во својата интернационална афирмација.
Фестивалот расте од година во година во секој аспект. Квалитетот на програмата е приоритет, привлекувајќи етаблирани уметници кои оставаат траен впечаток на публиката. Организациски, тимот се стреми кон беспрекорно функционирање, справувајќи се со сите предизвици и непредвидливи ситуации што може да се појават за време на фестивалот.
Публиката е нивната најголема инспирација и поддржувач. Во редовите на нивните посетители има стручна публика, но и љубители на класичната музика и театарот од сите генерации. „Се трудиме да донесеме програма која ќе ги задоволи сите вкусови, оставајќи ги нашите гости со насмеани и задоволни лица по завршувањето на секој настан“, велат од Охридско лето.
Честа и привилегијата да го отвори фестивалот годинава му е доделена на светски познатиот виолинист од Литванија, Џулијан Рахлин, кој утревечер на сцената на Античкиот театар ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија.
Маестро Рахлин е препознаен од критиката како еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти во светот. Неговата исклучително богата звучна палета, беспрекорна техника и маестрална интерпретација маѓепсуваат публика ширум светот.
Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, предворјето на црквата „Св. Софија“, како и самата црква „Св. Софија“ и Центарот за култура, ќе настапат над 500 уметници од 24 земји. Вљубениците во класичната уметност ќе имаат прилика да уживаат во 27 концерти, шест театарски претстави и три настани во дополнителната програма.
Селекторката на музичката програма, маестра Бисера Чадловска, изрази задоволство што на отворањето заедно со маестро Рахлин на Античкиот театар ќе настапат уметниците од Македонската филхармонија, која оваа година одбележува 80 години од своето постоење.
Трн: Која е формулата за добра селекција на музички изведувачи и програми на „Охридско лето“? Како го балансирате изборот помеѓу класични изведувачи и нови, експериментални имиња?
Бисера: Формулата за добра селекција на музички изведувачи и програми на еден фестивал како Охридско лето е да се следи сопствениот инстинкт и вкусот на публиката. За тоа е потребно селекторот да има долгогодишно искуство како музичар изведувач, познавање од светските музички трендови, музичари кои се долго на светските сцени, но и оние кои допрва доаѓаат со својот потенцијал.
Балансот помеѓу класични изведувачи и поинаков вид на музика го правам пред се поаѓајќи од себе. Иако и самата сум класичен музичар, и јас не би сакала во текот на 40 дена колку што трае фестивалот, да слушам само класични изведувачи. Треба да публиката да и се понудат секакви типови на музика за сечиј вкус.
Трн: Колку игра улога градот Охрид со своите монументални објекти и уникатна историја во создавањето на посебната атмосфера на концертите и настаните на „Охридско лето“? Како го користите ова за да го збогатите музичкиот дел на фестивалот?
Бисера: Охрид со своите монументални објекти, посебно оние во кои се одржуваат музичките настани, игра огромна улога во создавањето на атмосфера за време на концертите. Сите музичари кои до сега настапиле во црквата Света Софија, на Античкиот театар и на сцената на Долни сарај, се маѓепсани од акустиката посебно на Света Софија и воопшто од убавината на Охрид.
Трн: Со какви предизвици се соочувате при креирањето на музичката програма и како ги надминувате за да го задржите квалитетот и автентичноста на музичките настани?
Бисера: Предизвици секогаш постојат, посебно кога се работи за фестивал кој трае долго, а Охридско лето трае 40 дена. Предизвиците се да се добие буџет кој може да ја издржи кретивноста на селекторите, да се стапи во контакт и да се договорат голем број на музичари, кои потоа треба да се доведат и сместат во Охрид, сето тоа во сред летна сезона кога градот е полн со туристи. И при сето тоа приоритет да остане квалитетот на музичките настани и големината на имињата кои сакаме да ги видиме на фестивалот. Не секогаш се соочуваме со едноставни луѓе, понекогаш уметниците знаат да имаат и свои специфични барања кои треба да се најде начин да се исполнат или да им се каже дека некои работи едноставно не се возможни. Но сите овие работи се надминливи кога човек си ја знае работата.
За драмската селекторка, актерката Сања Арсовска, ова издание на Охридско лето било најтешко во однос на подготовките.
Трн: Како селекторка на драмската програма, какви критериуми применивте при изборот на претстави оваа година и кои се најголемите предизвици со кои се соочивте при создавањето на репертоарот?
Сања: Може слободно да кажам дека ова издание во однос на драмска селекција беше најтешко за мене. Прво, заради тоа што неколку театарски проекти за кои бев во преговори уште од минатата година не можеа да се реализираат, а второ заради тоа како јас тоа го примив емотивно. Од причина што на живата уметност влијаат разни околности и не секогаш истите се во моја контрола, секогаш гледам од негативните работи да ми послужат како идеја или мотив за да креирам нешто друго. Па така, оваа година, поаѓајќи од себе, решив во центарот на програмата да доминираат женските ликови со нивните животни борби, како бунт на социо- општествено прифатени нормативи гледано низ историски и современ дискурс. Годинава на Охридско лето ги имаме Безгрешна, Крал Лир, Галеб, Алиса во земјата на стравовите, односно претстави свртени кон женското однесување, прифаќање или пркосење на она што го поставило машкиот начин на поимање на општествените појави.
Трн: Со оглед на тоа што оваа година имаме три премиери на „Охридско лето“, дали сметате дека ова е доволно за да го привлече вниманието на публиката и кој е фокусот годинава, темата која сакате да ја прикажете ?
Сања: Вниманието на публиката може да се привлече на различни начини, еден од нив секако е екслузивитетот кој Охридско лето сака да го има, односно, некои од претставите кои гостуваат, а особено домашните продукции да ја имаат премиерата баш на фестивалот. Темите се секогаш безвременски и актуелни, а новите сценски, драматуршки читања на врвните класици мене секогаш ми се возбудливи. Годинава се погодија три премиери, Битолскиот тетар со “Галеб”, Велешкиот театар со “Рацин” и корпдукцијата предводена од Лит мун театар компани од Калифорнија со “Крал Лир”.
Трн: Колку сметате дека годинешната драмска програма успева да се одрази на современите општествени и културни предизвици и дали мислите дека постои простор за подобрување во иднина?
Сања: Секоја претстава комуницира со публиката на одреден начин, секој од публиката се идентификува со нешто што го гледа на сцена, секоја претстава на свој начин се одразува врз општествените и културните предизвици и зворува каде сме, зошто сме и што треба да промениме. За една драмска програма да се обликува влијаат неколку фактори, финанскиски, временски, технички, па во однос на подобрување на условите, а во насока на одење напред и можноста публиката да види ретки и светски театарски парчиња, јас би му посакала на Охридко лето неограничен буџет. Колку и тоа да звучи невозможно, барем на фестивал од ваков хибриден тип, музика и театар, на македонската публика треба да ѝ овозможи уникатни и невидени доживувања, како музички, така и театарски.
Оваа година, Охридско лето ветува уште едно незаборавно издание, полно со извонредни музички и театарски настапи, потврдувајќи го своето место како еден од најстарите и најпочитуваните фестивали во европското семејство. Не пропуштајте ја можноста да бидете дел од овој значаен културен настан и да уживате во богатата програма која ќе ве остави без здив.