Никаде на друго место во светот не можете, ниту имате желба да застанете полициски автомобил и да направите селфи со возачот. Никаде на друго место во светот полициската кола нема да е Bugatti Veyron, Ferrarri FF или Lamborghini Aventador.
Нормално, зборуваме за Дубаи, каде полициските сили од неодамна располагаат и со официјален сертификат од Гинисовата книга на рекорди – за најбрзиот оперативен полициски автомобил во светот – Bugatti Veyron. А како што веќе веројатно знаете, Bugatti-то е само дел од полициската автомобилска флота од 14 супер-автомобили.
Во град во кој Bentley и Rolls Royce често се покриени со злато, изгледа сосема нормално полициските сили да имаат суперколи на располагање. Флотата вклучува Aston Martin One-77 (вкупно има 77 произведени), Bentley Continental GT, три хибридни Porsche Panameras и два BMW i8. Сепак, предводникот е Veyron, кој достигнува запрепастувачка максимална брзина од 407 км/ч. 16-цилиндричниот мотор поседува 1000 коњски сили, поради што Bugatti-то крева од 0 до 90 км/ч за само 2.5 секунди.
Претходниот рекорд го држеше италијанската полиција, која располагаше со Lamborghini Gallardo LP560-4, кој постигнува максимална брзина од 370 км/ч.
Сепак, супер-автомобилите на полицијата во Дубаи не се користат за бесни потери по булеварот „Шеик Мохамед Бин Рашид“, па ни за други полициски должности. Наместо тоа, претежно ќе ги видите во реонот на Dubai Mall (најпознатиот трговски центар во Дубаи и најголемиот во светот) и плажата Џумеира Бич, во потрага на туристи и внимание.
„Улогата на автомобилите е да прекине бариерите меѓу полицијата и луѓето“, карикира мајорот Ал Мари Султан од Генералниот директорат за транспорт и спасувачки операции на дубајската полиција. „Не сакаме само да се перчиме со автомобилите, туку да им покажеме на туристите колку се дружељубиви полицајците тука во Дубаи. Постојано бараме начини да се поврземе со луѓето“, додава тој.
Освен гламурозните автомобили и дружељубивите полицајци, дубајската полиција сака да демонстрира и еднаквост на половите. Ал Мари истакнува дека многу од возачите се жени. „Најскапите автомобили – Ferrari и Bentley, се управувани од жени полицајци“, вели тој.
За да работиш како полицаец во Дубаи и да возиш една од ѕверкиве на четири тркала, не ти треба искуство во Формула 1. Се бара познавање на неколку странски јазици и добри комуникациски вештини. Возачите мораат да имаат и добра смисла за хумор, и секако, нерви да ја слушаат истата шега одново и одново – кога луѓето ги молат да ги уапсат, за да можат да се провозат во бесните автомобили.
Дубајската полиција ги користи супер-автомобилите во маркетинг цели уште од 2013 година, кога за прв пат воведе во употреба Lamborghini Aventador. „Aventador-от стана голем хит и ни даде можност да го промовираме градот и полициските сили“, истакнува Султан.
Самите автомобилски производители, од друга страна, жестоко се натпреваруваат за место во флота, бидејќи преку тоа гледаат можност за реклама и продажба на сопствените модели. „Престиж е дубајската полиција да е твој клиент“, се фали Султан.
Што се однесува до критериумите според кои дубајската полиција ги бира автомобилите – еден е: автомобили што предизвикале гласни реакции во медиумите. Се бираат автомобили кои не само што развиваат голема брзина, туку се и во согласност со стратегијата на полициските сили барем 25% од возилата во државната флота да се хибридни или електрични до 2030 година. „Така ќе покажеме дека Владата навистина се грижи за животната средина“, вели Султан.