Првото судско рочиште во Основниот суд Охрид за браќата Усеини, коешто требаше да се случи денеска, е одложено за 26 октомври поради влошена здравствена состојба на Ибраим Усеини. Според соопштеното пред судот, Ибро – братот на советникот на Општина Охрид – Нефи Усеини, имал проблеми со покачен крвен притисок и денеска бил префрлен во Центарот за кардиолошки и васкуларни заболувања во Охрид, пренесува „Сител“.
Со смешен изговор, пред судот не се појавил ниту тепаниот Спиро Топалоски, кој е и главен сведок во предметот. Неговото образложение е дека неговата сопруга, која е вработена во детска градинка, не можела да отсуствува од работното место, па тој останал дома да се грижи за децата.
Доколку Топалоски не се појави и на следната покана на судот, предупреди судијата Милчо Клишески кој го суди предметот, истиот ќе биде стражарно приведен и донесен пред судот.
Според адвокатот бранител на Усеини – Димитрија Цобоски, во случајот се работи за кривично дело со лесни телесни последици, па побара како такво и да биде квалификувано. Тој потенцираше дека во обвинението не се спомнува „неовластено држење оружје“, но потенцираше и дека Нефи Усеини е досега неосудуван, односно дека поседува решение за бришење казни од претходни постапки.