На денешното судење за настаните на 27 април, одбраната на обвинетиот Богдан Илиевски (ака. Бетмен Велит) пред судот понуди видео материјал од говорот на Илиевски во кој во првата реченица тој ги повикува демонстрантите гласно да ги поздрават пратениците кои се внатре во Собранието и да ги потсетат дека како што на сила седат внатре, може на сила и да излезат. На тоа толпата одговара со гласни свирежи и извици на негодување насочени кон пратениците.
Токму врз основа на таа реченица обвинителството го товари Илиевски, а доказ дека тој не ги повикал демонстрантите да влезат во Собрание, според одбраната, е тоа што и по 22 минути од почетокот на говорот, демонстрантите (меѓу кои имало и многу постари жени и пензионери) биле надвор од Собранието и практично свртени со грб, недавајќи никакви знаци дека имаат намера да влезат.
Илиевски, не само што не повикувал на упад, насилство и омраза, туку напротив, по гласниот „поздрав“ до пратениците им предложил на присутните да чујат нешто убаво за својата татковина (најава за следната говорничка Ивона Опетчевска Татарчевска) и да го играат орото „Копачка“, како што било предвидено и со претходно утврдениот редослед, според кој секогаш се одвивале демонстрациите.
Извор: МКД.мк