Основките од ООУ „Петар Поп Арсов“ се победнички на одбојкарскиот Куп на Општина Карпош, кој се одржа по повод роденденот на Општината, која оваа година го прославува 40 годишниот јубилеј од своето постоење. Во амбиент кој наликува на спектакуларен спортски натпревар, кој се одигра денеска во С.Р.Ц „Борис Трајковски“, одбојкарките од „Петар Поп Арсов“ славеа триумф над своите ривалки од „Јан Амос Коменски“ со 2:0 во сетови.
Шампионките дојдоа до златниот трофеј, пред сé, благодарејќи на подобрите технички перформанси, одличниот сервис, агресивната поставеност и функционалната одбрана. Првиот сет помина без поголеми изненадувања, 25:14, додека пак, вториот беше исполнет со спортска тензичност, неизвесност и заврши со тесна разлика од 25:21.
На финалниот меч присуствуваше и претседателот на Советот на Општина Карпош Сашо Лазаровски, кој во оваа пригода им го додели победничкиот пехар на шампионките и дипломите за освоено прво место и пласман во финалето.
Сепак, за пофалба е дострелот во финалето на одбојкарките од ООУ „Јан Амос Коменски“, што се должи на напорните тренинзи и новиот пристап кој го наметна наставникот по физичко воспитување Атанас Филиповски, кој се наоѓа на оваа позиција од септември годинава. Доколку ваквиот дух го негуваат и другите „спортски педагози“ од Општина Карпош, со сигурност во иднина ќе гледаме меѓусебни дуели кои ќе ја однесат училишната одбојка во професионална насока.