Од затвореник до екстремистички лидер – кој е Јахја Синвар, убиениот водач на Хамас

Во август, Хамас го назначи Синвар за нов генерален водач, заменувајќи го Исмаил Ханије, кој беше убиен во Техеран на крајот на јули 2024 година. Ханије важеше за севкупен лидер на Хамас, кој во својата структура има и политички и воени крила и беше вклучен во преговорите за прекин на огнот. Сепак, Синвар уште од 2017 година е лидер на палестинска екстремистичка организација во Појасот Газа. Регионалните дипломати го гледаа Исмаил Ханије како прагматист во споредба со другите лидери во Хамас, а Јахја Синвар, пак, се смета за еден од најекстремните

Израел потврди дека по едногодишна потрага денеска во воена операција во Појасот Газа е убиен Јахја Синвар, главниот лидер на палестинската екстремистичка организација Хамас, пренесува Би-би-си.

„Јахја Синвар е елиминиран по една година помината криејќи се меѓу цивилното население на Газа, но и во засолништата во тунелите на Хамас“,

соопшти израелската војска.

Јахја Синвар / Фото: МИА

Се смета дека Синвар ги испланирал и извршил нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Во август, Хамас го назначи Синвар за нов генерален водач, заменувајќи го Исмаил Ханије, кој беше убиен во Техеран на крајот на јули 2024 година. Ханије важеше за севкупен лидер на Хамас, кој во својата структура има и политички и воени крила и беше вклучен во преговорите за прекин на огнот. Сепак, Синвар уште од 2017 година е лидер на палестинска екстремистичка организација во Појасот Газа.

Регионалните дипломати го гледаа Исмаил Ханије како прагматист во споредба со другите лидери во Хамас, а Јахја Синвар, пак, се смета за еден од најекстремните.

Синвар во јавноста не е виден од октомврискиот напад и се веруваше дека крие под земја во Газа.

Во февруари 2024 година, саудиската информативна веб-страница Елаф објави дека тој го напуштил Појасот Газа, цитирајќи израелски извор, но израелските власти ја негираа оваа информација.

Синвар (61), познат како Абу Ибрахим, е роден во бегалски камп во Кан Јунис на јужниот дел на Појасот Газа.

Првпат е уапсен во Израел во 1982 година, на 19-годишна возраст, поради „исламски активности“, а потоа повторно е уапсен во 1985 година. Во тоа време ја добива довербата на основачот на Хамас, шеикот Ахмед Јасин.

Две години по основањето на Хамас во 1987 година, тој ја основа озлогласената организација за внатрешна безбедност Ал Мајд, чија главна цел беше да пронајде израелски шпиони во групата. Стекнал репутација на насилник и го добил прекарот „Касап Кан Јунис“.

Американскиот Стејт департмент официјално го назначи Синвар како „Специјално назначен глобален терорист“ во 2015 година.

Во мај 2021 година, израелските воздушни напади беа насочени кон неговиот дом и канцеларија во Појасот Газа.

Во април 2022 година, во телевизиско обраќање, повика Израел да биде нападнат.

- Реклама -