Интензивирање на активностите во насока на преформулирање на историските настани на начин што нема да предизвикува меѓусебен анимозитет и ќе биде прифатлив и за македонската и за грчката страна, е правецот во кој ќе работи Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања (ЗИКЕ) на Грција и Северна Македонија, одлучено е на втората средба одржана во петокот и саботата во Скопје. За конкретни прашања ќе се разговара на следната средба, договорена за 12 и 13 април во Атина.
Според претседателот на македонската страна од ЗИКЕ – амбасадорот Виктор Габер, ќе се работи на усогласување на двата образовни системи во двете земји „кои со години се граделе и кои си имаат своја историја, а треба да имаат заедничка иднина“, при што идните генерации ќе се едуцираат во „пријателска и солидарна атмосфера на градење на заедништво во иднина“. Тој појасни дека во согласност со Преспанскиот договор, во учебниците ќе треба да се избегне „сето она што е непријатно да се чуе“, но не преку отстранување од учебниците, туку преку реинтерпретација и преформулирање на „немилите настани“, разните форми на иредентизам и проблематичните формулации за било која од страните.
Како што пренесува „Алсат“ од свои извори во комитетот, постои и можност покрај пишувањата на авторот за одреден историски настан, да има и други мислења, со што на учениците би им се овозможиле различни гледишта на конкретниот настан и слобода самите да формираат мислење.
Според извори на „САКАМДАКАЖАМ“, настаните кои во грчките учебници воопшто не се третирани, како граѓанската војна во Грција и раселувањето на Македонци од грчка територија, македонската страна нема да биде приморана да ги остранува во македонските учебници. Исто така, согласно Преспанскиот договор, во учебниците ќе нема промена во придавките, односно „македонски“ ќе продолжи да се употребува, а корекциите ќе се прават согласно принципите на УНЕСКО, концептот на Советот на Европа за пишување учебници, и секако, Договорот од Преспа.