Од трпезата на Тито: Штрудла со сирење

Уживајте во штрудлата со сирење која била служена на трпезата на Тито. Рецептот е преземен од книгата на Ана Друловиќ „Титов кувар“.

Состојки:

За тесто: 1кг брашно, 1 јајце, сол, 1 лажичка зејтин, 5,5дл вода

За фил: 1,2кг меко сирење, 3 јајца, 50 г суво грозје, 1 кесичка ванилин шеќер, рендана кора од лимон, 300г шеќер

Подготовка:

Смесете меко тесто од наведените состојки, поделете го на две еднакви топки и обликувајте ги во векни. Премачкајте ги со зејтин, ставете ги на подмачкан плех и оставете го тестото да се одмори 30 минути.
Сите состојки кои се потребни за филот ставете ги во сад и добро измешајте.

Растопете 150г путер. Со четка премачкајте го плехот, а остатокот искористете го за штрудлите. Работната површина прекријте ја со чиста крпа и посипете брашно. Тестото ставете го на средина и со сукало издолжете го. Со раце внимателно развлечете го тестото преку ивицата на масата и со нож отстранете ги дебелите краеви.

Оставете тестото да се исуши, а потоа попрскајте го со путер. По краевите на тестото нанесете половина од филот и со крпата свиткајте ја штрудлата. Истото направете го и со другата векна тесто и остатокот од филот. Направените штрудли ставете ги во плехот, премачкајте со путер и печете 40 минути во рерна на температура од 180 степени.

Готовата штрудла посипете ја со шеќер или шеќер во прав.

Добар апетит!

- Реклама -