Масовни тестирања за коронавирус од понеделник ќе се прават во Скопје, а викендов во Струга и околината. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ќе се тестираат луѓе поврзани со лицата кои сега се позитивни на вирусот и луѓе во делови во кои се движеле заразените.
„ Целта на масовните скрининзи е да ги уловиме групите луѓе кои можеби и не се свесни дека го имаат вирусот. Тоа не може да се почне нагло, мора да биде со план кој епидемиолозите веќе го работат. Оваа недела може да се почне со Струга и околината поради интензивната комуникација со Дебар. Од понеделник веројатно ќе може да се почне во Скопје. Ќе се тестираат лица од делови во кои се движеле пациентите кај кои е веќе потврден вирусот. Се прави план каде тие се движеле географски распоредени во државата. Тестираните мора да имаат некаква индикација, епидемиолошка врска, со било која група од досега индицираните“, рече министерот Филипче и нагласи дека е од исклучителна важност рано да ги откријат новите случаи за да не се случи одеднаш да се преполнат одделенијата за интензивна нега, како што тоа се случило во Италија.
На располагање во моментов министерот вели дека имаат околу 1500 тестови, за 1000 тестови во тек е набавка, а очекуваат и донација од 1000 тестови. Филипче извести дека досега се направени околу 400 тестови за коронавирус.