Од каде толку многу велосипеди во Холандија?

наточак

Недела треба да е ден за одмор, но во реалноста, обично е ден кога се завршуваат еден куп обврски, посета на блиските и слично, што обично подразбира и употреба на автомобилот. Тоа не било случај во последните неколку викенди во 1973-тата година во Холандија. Тогаш, сé што Холанѓаните правеле, правеле на две тркала, и тоа не по избор.

Иако велосипедите долго се користат како превозно средство во Холандија, популарноста на автомобилите продолжила да расте по Втората светска војна, како и во САД и во остатокот од Европа. А што повеќе автомобили, значело повеќе несреќи. Повеќе од 3000 граѓани завршиле како жртви на фатални сообраќајни несреќи во 1971-та, од кои 450 биле деца. Трагичните загуби биле мотив за појавата на национално општествено движење, наречено „Stop de Kindermoord“ (Запрете го убиството на деца).

Би било предобро кога едно такво движење би успеало да ги запре автомобилите, па и не се случило. Она што конечно ја сменило ситуацијата била нафтената криза од 1973-тата, кога Организацијата на арапските земји извозници на нафта (ОАПЕК) прогласила нафтено ембарго. Во обид да заштеди ресурси, холандската влада прогласила „безавтомобилски недели“, а наместо трите милиони автомобили и комбиња кои биле вообичаени во тој период, улиците ги преплавиле реки од велосипеди, па и коњи. Децата возеле ролшуи на претходно презакрчените раскрници, луѓето правеле пикник среде автопатите… Само малкумина не ја почитувале одлуката – 239 возила биле конфискувани првиот ден.

6d23a116-bab6-fff2-e7d0-b3664ab27a76[1]

Одлуката била повлечена само пар месеци подоцна, во јануари 1974-тата, но луѓето продолжиле да користат алтернативни средства за транспорт. Помогнати од големата поддршка од јавноста, националното движење во соработка со градските планери работеле на тоа да ги направат патиштата попогодни за велосипедите, наместо за автомобилите. Планот очигледно бил добро спроведен – денес во Холандија има десетици милиони велосипеди, а само 8 милиони автомобили.

- Реклама -