Од фризби фестивалот во Демир Капија (видео)

frizbi

Минатиот викенд, во екот на поплавите, во Македонија се случи и нешто убаво – првиот фризби фестивал во Демир Капија.

Фестивалот се одржа во градскиот парк во Демир Капија и беше отворен за сите љубители на дружбата, забавата и, се разбира, фризбито.

Организатор на настанот беше спортскиот клуб „Клисура“, кој за сите гости на фестивалот обезбеди бесплатни салати, грицки, кашкавал, добро вино од винаријата „Попова кула“ и нон-стоп пристап до ладна вода и лимонада, како и бесплатна камп зона за сите што беа заинтересирани за кампување со шатор, и сместување во околните сместувачки капацитети.

Покрај дискусиите на тема фризби и обуките и тренинзите, во Демир Капија се играше и фризби-голф и погодување мета со фризби, а имаше и ’ултимејт‘ фризби натпревар. Дел од тимските натпревари се одвиваа и во Неготино.

Фестивалот е организиран во насока на привлекување на сé поголем број авантуристи и туристи во Демиркаписката клисура. Покрај манифестацијата посветена на закројувањето на виновите лози, неколкуте фестивали кои ја промовирааат клисурата како камено царство за љубителите на алпинизмот и спортското качување, ова е уште една можност алтернативните домашни и странски туристи да се запознаат со непроценливото природно богатство со кое располага „железната порта“, истакнува Славе Колев од „Клисура“.

„Работите полека се придвижуваат, се зголемува бројот на транзитните туристи кои патувајќи по автопатот кон Грција одлучуваат да застанат и да нé посетат, но и на оние кои намерно ја избираат Демир Капија како своја дестинација. Целта што сакаме да ја оствариме е што повеќе луѓе да ја чујат приказната за малото место кое освојува и инспирира со својата историја, археологија, пештери, ретки птици, долина на кактуси, и музеј за вино единствен од таков вид во регионот“.

Клубот „Клисура“ ги користи редовите на 365.com.mk и за да им заблагодари на сите кои беа учесници и на сите кои излегоа и излегуваат во пресрет за било каква поддршка за развивање на уличната култура во Демир Капија.

А вие знаете кај треба да бидете ова време догодина, така?

- Реклама -