Купишта смет во и околу контејнерите е заедничка слика денеска за речиси сите делови од Скопје по продолжениот викенд со збрана за движење во вкупно времетраење од 61 час.
Граѓаните на главниот град бурно реагираат на социјалните мрежи во стилот „ако не се заразиме од коронавирус, од ѓубрето сигурно“.
„Кога луѓето се дома, се прави повеќе ѓубре, а не помалку. Собирањето треба да биде почесто, а не поретко. Дали следната препорака ќе биде: Седете дома за да не се заразите со коронавирусот, а не излегувајте надвор за да не се заразите со тифус?“, прашува на Фејсбук поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски.
На социјалната мрежа реагира и професорката Билјана Ванковска.
„Среде пандемија, при масовна рестрикција на човековите права, таткото на градот ќе организирал културни настани за да ги поддржи слободните уметници и да ни го подигне духот! Притоа, градот се гуши во смет и смрад! Но, ние носиме маски и ракавици, нели? Дали културните настани ќе се случуваат пред преполни контејнери? Тоа е како да ставаш парфем на леш.
Воведуваат најстрог и најдолг полициски час наводно заради верски празник и притоа предизвикуваат масовни гужви, хистерија и чувство како да доаѓа крајот на светот! Гледаат ли дека велигденските собири се сега само преместени во супермаркетите? Онака предвелигденски… Полицискиот час и забраната за движење на отворен простор погубно влијаат на физичкото и менталното здравје! Не сме ние толку глупи за да се собираме во толпи колку што вие немате пилот во авионот, па тренирате строгоќа за да глумите држава.
Што се однесува до јавната хигиена, таа сега (и во иднина) треба да биде приоритет – како и личната хигиена! А работниците на Комуналец се “есеншалс”, луѓе кои заслужуваат да бидат платени и ценети. Ако не умреме од корона, ќе умреме од обична нечистотија! Се надевам уметниците нема (повторно) да се продаваат евтино…
Овде сè е наопаку, а мерките контрапродуктивни… Follow up на Велигден ќе почне во вторник, па кој не се заразил сега ќе има можност до Спасовден…“, коментира Ванковска.
Expres.mk