Од ДКСК тврдат дека досега побарале едно службено возило и тоа пред една недела

Наспроти изјавата на директорот на Агенцијата за управување со одземен имот од јули оваа година дека членовите на Антикорупциската комисија во два наврата побарале автомобили и дека еднаш ги разгледувале, но не бендисале ниеден од оние што биле на располагање, Димитровска вели дека такво нешто не се случило

Државната комисија за спречување корупција има побарано едно службено возило од Агенцијата за управување со одземен имот и тоа неодамна, вели претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Наспроти изјавата на директорот на оваа институција од јули оваа година дека членовите на Антикорупциската комисија во два наврата побарале автомобили и дека еднаш ги разгледувале, но не бендисале ниеден од оние што биле на располагање, Димитровска вели дека такво нешто не се случило.

Димитровска: Пред цела јавност одговорно изјавувам дека возила во месец јули воопшто не беа побарани ниту писмено, ниту усно. Возило е побарано пред една недела од Агенцијата за одземен имот и тоа само едно возило, имајќи предвид дека институцијата брои вкупно 57 вработени, меѓу кои вработени во секретаријатот и ние членовите.

„360 степени“: Сакате да кажете дека директорот на Агенцијата за управување со одземен имот лаже кога вели дека во јули сте разгледувале автомобили што ѝ биле на располагање на институцијата?

Димитровска: Не би сакала да се служам со тој збор, но одговорно тврдам дека возило не е побарано. Ниту е побарано, ниту е разгледувано.

На прашањето како гледа на ова ако се земе предвид дека претходниот состав на ДКСК воопшто не користеше служебни возила, Димитровска вели дека фокусот треба да биде на тоа како се користат, односно дали се употребуваат за службени цели.

„Дали сметате дека ДКСК треба да биде надвор од оваа сосотојба? Од МВР побравме, бидејќи за време на изборите имаме обврска да водиме регистар за службени моторни возила, и обезбедивме податок дека 1 500 државни институции користат 13 илјади службени моторни возила. Што значи, не е прашањето дали имаме потреба од служебни возила, прашањето треба да биде дали службените возила се користат исклучиво за службени цели и дали нема злоупотреба на јавни ресурси“,

додава таа.

За иницијативата на министерот за добро владеење Арбен Фетаи регистарските таблички на службените возила да бидат во друга боја за да се разликуваат, Димитровска вели дека ја поддржува идејата со цел и ДКСК и граѓаните да следат дали возилата се користат за приватни цели.

Во јули „360 степени“ објави дека антикорупциската комисија побарала службени возила од две институции – од Владата и од Агенцијата за управување со одземен имот. Од Владата дообјаснија дека привремено им биле давани возила од Службата за општи и заеднички работи, врз основа на претходно потпишан договор. Тоа не е невообичаена пракса за институции кои немаат возила, но во исто време таквата услуга се плаќа и не е евтина.

Од Агенцијата за управување со одземен имот тогаш ни изјавија дека ДКСК во два наврати барале автомобили. Првиот пат барале еден автомобил, дошле, разгледале и не бендисале ништо, па решиле да почекаат. Кога побарале по втор пат, им одговориле дека не можат да им доделат возила бидејќи немаат функционален управен одбор.

„Од понуденото коешто го имавме, ним не им се допадна ништо кое би им било од корист и рекоа дека ќе чекаат нови возила одземени со нови правосилни пресуди. При повторното барање, кое истите го поднесоа, беше период на техничка влада. Управен одбор не функционираше, а без Управен одбор не може да се донесат одлуки за отстапување на возила, ниту, пак, да ги проследиме до Влада. Агенцијата и во моментов не е во можност да постапува по барањата за отстапување на возила од причина што Собранието донесе нов Закон за постапување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, според кој треба да се конструира нов Управен одбор кој би донесувал одлуки, меѓу кои и одлуки за отстапување возила, со што Агенцијата би продолжила со своето редовно работење“,

посочија тогаш од Агенцијата за управување со одземен имот (20.7.2024 г.).

- Реклама -