Од дигиталниот речник отстранети зборовите „циганштија“, „курва“, „педер“, „каур“ и слични

По реакцијата од Ромите за навредливите зборови и објаснувања во дигиталното издание на Толковниот речник на македонскиот јазик (скр. ТРМЈ) на платформата makedonski.gov.mk, која вчера беше промовирана по повод Денот на македонскиот јазик во годината во која одбележуваме 100 години од раѓањето на Блаже Конески, денеска Институтот за македонски јазик истите ги повлече, заедно со уште неколку други.

Како што објави „Слободен печат“, освен „циганштија“, „циганчи се“, „циганштење“ и други изведенки од „циган“, за кои реагираа претседателот на Народната партија на Ромите – Геге Демировски, и здружението кое ги застапува правата на Ромите – „Аваја“, од ТРМЈ отстранети се и зборови како „курва“, „ороспија“, „педер“, „каур“, за кои исто така имаше реакции во јавноста.

Како што велат од Аваја, Владата и Министерството за образование и наука ги информирале дека стапиле во контакт со редакцијата на Толковниот речник на македонскиот јазик, при што стручниот тим веднаш покажал разбирање и се согласил овие зборови да бидат повлечени. Освен тоа, Аваја биле информирани дека стручниот тим во идниот период ќе изврши ревизија на лексемите во речникот и ќе следи процес низ кој зборовите во речникот ќе се толкуваат соодветно според современиот лингвистички и општествен контекст.

А според несовремениот лингвистички и општествен контекст кој ги предизвика реакциите, за „циганчи“ стоеше објаснување дека означува „скржавост од предрасуди како особина на Циган“, со наведен пример „се циганчи за еден грош“. „Курва“, од друга страна, е „жена што извршила неверство“ или опис за бескарактерен човек на кој не може да му се верува. „Го изневерува курвата“ и „овој е курва апашка“ беа наведени како разговорни примери.

Инаку, како што посочува и „Слободен печат“, неколку портали уште синоќа забележаа дека иако можеа да се најдат „циган“ и „каур“, во речникот ги немаше зборовите „Шиптар“, „Цинцар“ или „Егеец“.

Во моментов, доколку се обидете да го отворите дигиталниот речник на платформата makedonski.gov.mk, ќе добиете празна страница и порака „Bad Request (400)“.

 

- Реклама -