Денеска, на една година од потпишувањето на Преспанскиот договор, во дистрибуција влегуваат новите регистарски таблички на кои наместо досегашниот код „МК“ ќе стои „NMK“, кој ќе го означува новото име на државата.
Досега на македонските возила што влегуваа и ја напуштаа земјава, на граничните премини врз сината лента на табличките бесплатно им беше лепена налепница со новата кратенка. Со новите таблички, кодот NMK ќе го носат не само туристичките возила што ја напуштаат земјата, туку и мотоциклите, олдтајмерите, тракторите, па и мотокултиваторите.
Новите таблички автомобилите ќе ги добиваат постепено, при редовната регистрација, без дополнителни трошоци. Возачите ќе треба да ги променат табличките со кодот МК најдоцна до февруари 2024-та, кога истекува рокот од 5 години за целосно имплементирање на новата ознака на регистарските таблички.