Од денеска струјата по нова, минимално зголемена цена

Како што посочи претседателот на РКЕ Марко Бислимоски по носењето на одлуката, цената на електрична енергија за домаќинствата од 1 јули во прв блок останува иста, во втор блок има зголемување од 0,85 проценти, во трет блок од 1,92 проценти и во четвртиот блок од 1,88 проценти, додека цената на евтината струја ќе се зголеми за 0,65 проценти

Сметките на потрошувачите на електрична енергија на регулираниот пазар, односно на домаќинствата и на малите потрошувачи, од денеска до крајот на годинава, за најголем дел од потрошувачите, ќе бидат повисоки. Одлуката за минималното зголемување на цената во четвртокот ја донесе Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). 

Како што посочи претседателот на РКЕ Марко Бислимоски по носењето на одлуката, цената на електрична енергија за домаќинствата од 1 јули во прв блок останува иста, во втор блок има зголемување од 0,85 проценти, во трет блок од 1,92 проценти и во четвртиот блок од 1,88 проценти, додека цената на евтината струја ќе се зголеми за 0,65 проценти. Со ова, додаде тој, за 88 проценти од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка во прв и втор блок, трошокот за електрична енергија ќе се зголеми за 0,4 проценти. За осум проценти од домаќинствата кои што имаат потрошувачка и во трет блок трошокот на месечно ниво ќе се зголеми за 0,48 проценти и за 4 проценти од домаќинствата кои што влегуваат со потрошувачка и во четвртиот блок трошокот ќе се зголеми за 0,57 проценти. 

На тендерот што претходно го распиша универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ беше прифатена цената од АД ЕСМ од 60 евра за мегават час и за покривање на 85 проценти од потребите на регулираниот пазар, додека за останатите 15 проценти беа пристигнати три понуди, но ниту една не беше прифатена поради тоа што понудите биле повисоки од моменталните пазарни цени.

Дополнувањата на Законот за енергетика, пак, беа донесени во понеделникот на пленарна седница. Со ова законско решение, според предлагачите, се обезбедува сигурно, безбедно и континуирано снабдување со електрична енергија на домаќинствата и малите потрошувачи.  

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна во изјава за медиумите рече дека не очекува зголемување на цената на електричната енергија, посочувајќи дека се исполнети двата услова – донесени се дополнувањата на Законот за енергетика и универзалниот снабдувач ги оптимизирал количините за да не дојде до енормно зголемување на цената на струјата. 

Центата на струјата треба да важи до крајот на годинава.

- Реклама -