Од четврток почнува електронското пријавување за упис во средно образование, ќе трае до 25 јуни

Пријавувањето е преку линк до порталот за електронски услуги на МОН (https://e-uslugi.mon.gov.mk)  со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk

Од четврток, 20 јуни, почнува електронското пријавување на учениците за запишување во средно образование на наредната учебна година. Електронското пријавување, во овој прв уписен рок, ќе трае до вторник, 25 јуни до 15 часот.

Пријавувањето е преку линк до порталот за електронски услуги на МОН (https://e-uslugi.mon.gov.mk)  со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk.

Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека регистрација на системот нема да биде потребна и најавата ќе се врши исклучиво со корисничките сметки на schools.mk.

„Упатството за логирање/најава во системот и пополнување на пријавата ќе биде поставено со линк на страната за логирање/најава“,

велат од МОН.

Конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето и слободните места по првото пријавување, секое училиште треба да ја објави на 26 јуни најдоцна до 9 часот, на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет-страница.

Во училиштата каде што ќе има квалификациско тестирање тоа ќе се организира на 28 јуни, а конечните ранг-листи со резултатите ќе бидат објавени на 28 јуни на јавно место во училиштето. 

Второто пријавување во јунскиот уписен рок ќе биде на 1 и 2 јули до 15 часот. 

На крајот на март МОН го објави  Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за
учебната 2024/2025 година. Во него се наведени потребните документи, начинот на аплицирање и конкурсните рокови. 

- Реклама -