Од 15 март се очекуваат и вакцини против пертусис за возрасни, КЗБ предлага тестирање за голема кашлица низ цела држава

Од 15 март се очекуваат и вакцини против пертусис за возрасни, предлагаме тестирање за голема кашлица низ цела држава, изјави попладнево Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, по нејзиното заседавање.

Тој информираше за 123 лица заболени 123 со пертусис, од кои, доминантно најголемиот број, 119, се во градот Скопје.

– Оправданоста на епидемијата што е прогласена во градот Скопје, уште еднаш се потврдува и со последниот извештај добиен од Институтот за јавно здравје. Спорадично имаме појава на еден случај – Дебар, Тетово и Струмица, меѓутоа сѐ уште не можеме да кажеме дека состојбата се разговорува на национално ниво, што е добро, истакна Мехмедовиќ.

Тој повтори оти вакциналните пунктови во Скопје, каде што има епидемија, работат во две смени, вакцинацијата се одвива добро и продолжува со исто темпо.

– Од 18 јануари до 29 февруари, по препорака на Комисијата за заразни болести, а по наредба на Министерството за здравство, работат вакциналните пунктови во Скопје во две смени и аплицирани се вкупно 22.395 дози вакцини. Заклучокот е дека вакцинацијата се одвива добро и оти ќе продолжи со истото темпо и на граѓаните, односно на родителите, ќе им бидат достапни овие вакцинални пунктови и во иднина, појасни Мехмедовиќ.

Меѓу новите препораки се да се засили инспекцискиот надзор на ДСЗИ за да се види навистина состојбата во градинката со вакцинирани и невакцинирани деца, да се овозможи тестирање за пертусис низ целата држава од центрите за јавно здравје, досега немаше таква можност, дигиталната евиденција за вакцинација на децата во вакциналните пунктови да биде задолжителна за подобар преглед.

– Контролите од ДСЗИ се редовна процедура што треба да се прави во услови на епидемија и тоа беше правено досега. Она што јас го кажав, односно она што Комисијата го заклучи е дека тој инспекциски надзор треба да се засили за да имаме всушност и на терен перцепција дека се работи поинтензивно на тоа да се детектираат сите случаи на оние деца кои се носат невакцинирани или нецелосно вакцинирани во градинка, одговори Мехмедовиќ на новинарско прашање.

Се разговарало и за тоа до каде е набавката на вакцини за возрасни.

– Комисијата донесе препораки за вакцинирање на возрасни. Информацијата што ја добивме од Комитетот за имунизација е дека на 15 март се очекува да пристигнат првите вакцини што ќе бидат наменети за возрасни, нагласи Мехмедовиќ, додавајќи оти треба да се почека овој датум за повеќе детали околу тоа кој и кога треба да се вакцинира.

Тој информираше дека процедурата што е поврзана со пристигањето на вакцините, регистрацијата на вакцините и останатото е дел од работата на Комитетот за имунизација.

– Во однос на тоа кои лица треба да се вакцинираат, предност даваме на возрасните кои живеат со деца, кои се под посебен ризик да заболат од пертусис и кај кои ќе имаме тешка клиничка форма на болест, а тоа се децата под две години. Секако вработените кои се во директен ангажман и се во контакт со децата кои се на оваа возраст и бремените жени кои се во третиот семестар од нивната бременост би требало да се вакцинираат, со цел да се направи подготвеност на детето кога ќе биде родено, да има одреден имунитет против пертусис и во првите два месеца додека не биде примена првата вакцина аплицирана за пертусис, одговори Мехмедовиќ на новинарско прашање.

Комисијата за заразни болести гои повтори апелеот сите деца да се вакцинираат со заостанати вакцини.

– Значи, не само ДТПР туку и морбили коишто гледаме во регионот се во подем и во Албанија веќе имаме зголемен број случаи се сериозна закана повторно за Македонија затоа што имаме низок процент на вакцинација со морбили. Од тој аспект, еве уште еднаш јавно апелираме родителите да направат апдејтирање односно да бидат во тек со целокупната вакцинација, со сите вакцини, што се од задолжителниот карактер за имунизација. Тоа е важната порака која што сакаме да ја испратиме. Од друга страна, доколку се следи тој редовен календар на имунизација, ќе видите дека практично ниту една вакцина нема потреба да се одложи. И затоа е најдобро родителите, кога веќе ќе бидат совесни да го следат календарот за имунизација затоа што во тој случај ниту МРП вакцината ќе се одложи поради ДТПР вакцината ниту обратно, ниту која било вакцината ќе биде поспонирана поради тоа што имаме редовна вакцинација, истакна портпаролот на Комисијата за заразни болести.

Секое задоцнување со вакцинацијата предизвикува последици што, укажа тој, после тоа се рефлектираат во одложувањето на останатите вакцини.

Директорот на Инфективната клиника, Фадил Цена, соопшти дека последниот случај што бил прегледан на Клиниката, возрасен човек, тоа го направил самоволно без некоја епидемиолошка или медицинска индикација и тоа го сторил во Институтот за јавно здравје и „поради таа кашлица која не била упорна и резултатот е позитивен на пертусис и тој пациент нема никаква друга клиничка слика“.

– Ова што можам да го кажам во однос на Клиниката за инфективни болести, е дека засега вкупно 12 луѓе се прегледани од Нова година, а последниот е од вчера, суспектен е за кој сѐ уште немаме резултат, одговори Цена на новинарско прашање.

- Реклама -