Од 1-ви јуни плаќање во кеш само до износ од 500 евра, казните од 10 до 160 пати повисоки

На 1 јуни стапува во сила новата одредба на Законот за спречување на перење пари и финансиски тepopизам, со што максималниот дозволен износ за плаќање во готовина се симнува на половина од досегашниот – односно на 500 евра. Од почетокот на годинава, дозволено беше плаќање во кеш на суми до 1.000 евра. Претходно, од јули 2018-та, износот беше ограничен на 2.000 евра.

Од Министерството за финансии велат дека одредбата има за цел да ги натера граѓаните да користат платежна картичка или да плаќаат со уплатница преку банка, со крајна цел да се намали и спречи перењето пари и сивата економија.

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија критикуваат дека мерката е премногу рестриктивна, наведувајќи ги контрапримерите од европските земји, каде ограничувањето изнесува неколку илјади евра. Дриљон Исени – извршниот директор на Комората, предупредува дека строгата одредба ќе ги натера потрошувачите да бараат алтернативи, односно парите да ги трошат и да купуваат на соседните пазари, како Косово, Србија и Грција.

Се очекува најпогодена да биде трговијата со бела техника и мебел, каде што нема да можете, на пример, во готово да купите телевизор поскап од ограничената сума. Поединечните, како и повеќекратните поврзани готовински трансакции во вкупен износ повисок од 500 евра, ќе се казнуваат со парични казни од 5.000 до 80.000 евра.

- Реклама -