Обвинителството не гледа судир на интерес кај обвинителката Тополова-Исајловска која бара да падне случајот „Талир“

„Нема ниту еден законски основ за изземање на надлежниот јавен обвинител кој постапува во предметот ниту сомнеж во поглед на непристрасноста на постапката“, велат од Обвинителството за порталот „Призма“ на прашањето дали гледаат судир на интерес поради тоа што сопругот на обвинителката Анита Тополова-Исајловска, која бара да падне случајот за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, е функционер од политичката партија којашто е обвинета во предметот

Јавното обвинителство не гледа проблем што републичката обвинителка Анита Тополова-Исајловска, по барање на еден од обвинетите во „Талир“, бара од врховните судии да падне случајот за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ , објави „Призма“.

Фото: „Призма“

На прашања на порталот дали препознаваат судир на интерес поради тоа што сопругот на обвинителката е функционер од политичката партија којашто е обвинета во предметот, од Обвинителството велат:

„Нема ниту еден законски основ за изземање на надлежниот јавен обвинител кој постапува во предметот ниту сомнеж во поглед на непристрасноста на постапката.“

Обвинителката, според Јавното обвинителство, постапила законски.

„Во целост се испочитувани сите законски предвидени процедури“,

велат оттаму за „Призма“.

Од Обвинителството не одговориле директно дали републичкиот обвинител Љупчо Коцевски бил запознаен со барањето, ниту дали предметот бил рефериран на колегиум пред останатите републички обвинители.

Во одговорите, како што пренесе „Призма“, оттаму тврдат дека барањето го поднеле бидејќи „судската постапка по предметот започнува од почеток, па целисходно е како претходно прашање да се разјасни и прашањето за овластен тужител во оваа судска постапка“.

Во случајот „Талир“ првообвинет е експремиерот и бивш лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кому му суди во отсуство бидејќи избега во Будимпешта. Покрај него, обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески. Тројцата се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и за перење пари. На обвинителна клупа се и Илија Димовски и Леко Ристовски само за делото перење пари, а како правно лице осомничена е и партијата. Во случајот обвинета беше и Елизабета Чингаровска, но таа призна вина и доби условна казна.

Инаку, обвинителката Анита Тополова-Исајловска која од Врховниот суд бара да падне случајот „Талир“, првпат е избрана за обвинителка во 2009 година, во 2013 влегува во Вишото обвинителство, за три години подоцна да биде унапредена во републичка обвинителка и заменичка на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.

Таа е сопруга на ексзаменик-министерот за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија ИсајловскиВо 2016 година 360 степени истражуваше како брачната двојка Исајловски, со заедничка основна нето-плата од 2 300 евра, плаќа кредити од 2 200 евра и живее со 100 евра месечно.

- Реклама -