Обвинителство: Прибрани се траги и обезбедени се снимки од околните камери каде што беше запален автомобилот на КПУ „Идризово“

Инаку, опожарениот автомобил „фолксваген пасат“ го користел директорот на затворот „Идризово“

Јавен обвинител и форензичари од МВР извршиле увид на местото каде што ноќеска бил опожарен автомобилот во сопственост на КПУ „Идризово“, а кој го користел директорот на затворот.

Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје велат дека се прибрани траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење со цел да се утврдат причините за опожарувањето. Од ОЈО велат дека се обезбедени и снимки од видеонадзор на околните објекти и се преземаат други дејствија.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и вешти лица од Одделот за форензички истраги на МВР извршија увид во Кисела Вода каде во текот на ноќта беше опожарен службен автомобил во сопственост на КПУ ’Идризово’ – Скопје кој го користел директорот на установата“,

се вели во соопштението од ОЈО.

Денеска, од Министерството за внатрешни работи информираа дека ноќеска, околу 03:35 часот, било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено – поправната установа затвор „Идризово“, кое било паркирано од З.Ј.

Од пожарот бил зафатен дел и од фасада на зграда и предмети на балкони на долните катови од зградата. Во пожарот нема повредени лица.

- Реклама -