Обвинителство и МВР: Се вршат претреси во дом и фирми во повеќе градови поради сомнежи за даночно затајување и перење пари

Во претресите координирано учествуваат полициски службеници, службени лица од УЈП, истражители од ОЈО ГОКК

Од Обвинителството велат дека со оглед дека станува збор за предистражна постапка која според закон е тајна, јавноста навремено ќе биде информирана за поединости што нема да ја нарушат постапката

Се вршат претреси на дом и други простории на повеќе локации во повеќе градови поради основи на сомневања за даночно затајување, даночна измама и перење пари, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму преку соопштение до медиумите велат дека при претресите е обезбедена поголема документација и електронски записи што ќе бидат предмет на обработка и анализа, со цел да се обезбедат материјални докази за потребите на водењето на понатамошната кривична постапка.

„По доставено известување од МВР за сознанија до кои дошла Управата за јавни приходи (УЈП), Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финаскиот криминал, односно ‘даночно затајување‘ по член 279, ‘даночна измама‘ по член 279-а и ‘перење пари и други приноси‘ од казниво дело по член 273 од Кривичниот законик на група субјекти“,

се вели во соопштението од МВР.

Во претресите координирано учествуваат полициски службеници, службени лица од УЈП и истражители од ОЈО ГОКК.

И од Обвинителството потврдија дека претресите се во тек.

„Со оглед дека станува збор за предистражна постапка која според закон е тајна, јавноста навремено ќе биде информирана за поединости што нема да ја нарушат постапката“,

информира Обвинителството.

ТВ Канал 5 претходно објави дека според непотврдени информации до кои дошле, се вршат претреси на повеќе локации во фирми и домови во Скопје, Гостивар и Струмица.

На полициски разговор, како што информира телевизијата, се повикани десетина управители, адвокати, нотари што се поврзани со работењето на стримички и скопски фирми што функционираат во систем на криминална пирамида.

Во веста од Канал 5 се вели и дека неофицијално станува збор за афера тешка десетици милиони евра, како и дека акцијата е насочена кон струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, кој важи за близок до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.

- Реклама -