Oсновното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен 48-часовен притвор против 46-годишен скопјанец под сомнение дека извршил помагање на Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежов, да избега во Турција, преку Бугарија и Србија.
Како што информираат од Јавното обвинителство, лицето е под сомнение дека извршил помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
– Основаното сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело произлегува од досега прибавените докази од Бирото за јавна безбедност, Сектор за меѓународна полициска соработка доставено до СВР Скопје во кое е наведено дека лице осомничено дека сторило кривично дело, по кое сега е распишана меѓународна потерница, на 02.12.2023 година било регистрирано на граничните премини во Република Бугарија и тоа со влез во Република Бугарија на ГП Калотина и излез од Република Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Републка Турција). И двете регистрации се со возило марка „Ланд Ровер“, управувано од осомничениот. Лицето е лишено од слобода и со него полициски службеници од Секторот за меѓународна соработка извршија информативен разговор, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Во конкретниот случај, како што посочуваат од ЈОРСМ, постојат околности кои го оправдуваат стравот за опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, со оглед на околностите за видот и карактерот на делото, запретената казна и последиците од истото.
Министерството за внатрешни работи вчера распиша меѓународна потерница по Љупчо Палевски, додека Кривичниот суд во Скопје на предлог на скопското Основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истрага против Љупчо Палевски првоосомничениот во убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.