Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен предлог против шестемина учесници на протестите во врска со пресудата за предметот „Монструм“, за кои претходно беше поведена постапка и им беше им определена мерка притвор, информира Обвинителството.
Сите се обвинети за кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело согласно член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Заедно со обвинителниот предлог, скопското обвинителство предложи и да им биде продолжена притворската мерка со цел нивно обезбедување во текот на кривичната постапка.
За истото кривично дело поднесен е обвинителен предлог и против уште едно лице, за кое обвинителството на судот денеска му предложи да определи мерка притвор, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.
Како што објаснуваат од Основното јавно обвинителство Скопје, седумтемина обвинети ги гони бидејќи на 26 февруари, како учесници на јавниот собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот „Монструм“, биле дел од толпата која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Обвинетите и други засега непознати лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници.