Главниот и одговорен уредник на порталот „Инфомакс“ – Александар Митовски, кој ја објави првата страна од записникот од сведочењето на бизнисменот Орце Камчев кога го пријавувал рекетот во Обвинителството, но и тврдеше дека во сведочењето се споменуваат како вмешани и имињата на премиерот Зоран Заев и уште неколку владини и функционери на СДСМ (иако истите ги немаше на првата страна), заработи обвинение за „Оддавање службена тајна“, според член 360 став 1 од Кривичниот законик, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.
„Обвинетиот на 23 август, преку интернет порталот www.infomax.mk на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна. Имено, тој ја објавил првата страница од записник за примање кривична пријава од едно лице заведен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Обвинителството го поднесе обвинението до Основниот кривичен суд Скопје откако по објавата на записникот на споменатиот интернет портал беа направени потребните проверки и беа обезбедени материјалните докази за наведеното кривично дело, согласно Законот за кривична постапка“, се вели во соопштението.
Во соопштението ОЈО најави кривична постапка и за лицето кое му ги предало списите на новинарот, под услов да го утврди неговиот идентитет и за тоа да обезбеди докази.