Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за продолжено кривично дело – Оддавање службена тајна од член 360 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик, соопштуваат од Обвинителството.
„Во текот на првата половина на јули, како главен и одговорен уредник на интернет портал, обвинетиот направил достапни на јавноста податоци од Управата за безбедност и контраразузнавање, сегашна Агенција за национална безбедност, до кои дошол на противправен начин. Според внатрешните прописи на Агенцијата, објавените информации се класифицирани како службена тајна чие откривање има или може да има штетни последици за Агенцијата национална безбедност.
Имено, на 9 јули на интернет порталот и на Фејсбук страницата на тој интернет портал, обвинетиот објавил текст со наслов: „Скандалозни документи од Управата за безбедност и контраразунавање: Синот отстранет од Агенцијата за национална безбедност, затоа што таткото протестирал против промена на името“. На 12 јули, пак, на интернет порталот тој објавил текст со наслов: „(Видео) Христовски: Мојот син е жртва, исклучен од Агенцијата за национална безбедност затоа што УБК ме следела како терорист“. Во двата текста обвинетиот на јавноста и сторил достапни копии од документи од Управата за безбедност и контраразузнавање – акти од оперативна проверка на лице, кои претставуваат класифицирани информации“, се вели во соопштението.
За јавноста не е тајна дека обвинението се однесува на новинарот Љупчо Златев, уредник на порталот „Економски лидер“. По повод обвинителниот предлог, се огласи и самиот тој лично, на Фејсбук. „ЗА ПРАВДАТА И ЗА МАКЕДОНИЈА МОЖЕТЕ СЛОБОДНО ДА МЕ СТАВИТЕ ВО ЗАТВОР!“, порачува тој.
„Почитувани, денес Основното јавно обвинителство објави дека ќе поднесе обвинение затоа што сум објавил злоупотреба во Управата за безбедност и контраразознавање.
Јас објавив дека само поради тоа што еден татко одел на протести против промената на името, синот изгубил безбедносен сертификат и поради тоа изгубил можност да работи во Агенцијата за национална безбедност.
Оваа конструкција на УБК е класичен удар кон политичките слободи на граѓаните, огромен ЈАВЕН ИНТЕРЕС и поради тоа ги објавив документите кои ми ги достави свиркач. Доколку сега добијам слични документи, без да размислувам ќе ги објавам!!! Делото можам да го повторам веднаш, бидејќи слободата и демократијата ми се поважни од било која уредба!
Независно дали злосторникот Заев ќе ми ги прати насилниците на неговиот партнер Сашо Мијалков или ќе ми ги прати обвинителите – јас за она во што верувам подготвен сум ако е потребно и да стојам сам. Правдата ќе ја барам, ако треба и до Стразбур, ако треба и од затвор ќе се борам против ова тоталитарно зло!
Секоја борба, ако е единствено само за правда, правдина, права и вистина е оправдана. Затоа и жртвите се оправдани. Знај, ако си на страна на вистината, без задни намери – венецот ќе го добиеш!“, напиша Златев.
Минатата недела, Златев беше напaднат во еден скопски ресторан, за што го обвини семејството Мијалкови.