Центар Жупа е седиште на истоимената општина, сместена на крајниот запад на земјава, близу Дебар. Ова е гимназијата „Ата“. Во неа учат 100-тина средношколци. Во овој клас правеа тест по хемија, предмет што го предава наставник по историја, пишува 360°.
„Не е дозволено, се знае, треба да најдеме соодветен кадар, меѓутоа секоја година ние отвораме огласи ама никој не се заинтересира. Сигурно тоа произлегува од немање кадар по тој предмет“ – изјавува Аќиф Селман, директор на СОУ „Ата“- Општина Центар Жупа.
Регионот се соочува со недостиг од наставници, особено по природните науки, како физика, математика и хемија, а учениците законски не смеат да губат часови. Немаат ниту наставник по музичко, па тој предмет го држи наставникот по географија. Нему и онака му фалеле часови за да има полн неделен фонд од вкупно 20 часа за да зема цела плата. Несоодветни кадари предаваат и филозофија и латински.
Нивниот историчар предава хемија и во соседното основно училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Центар Жупа. Таму има уште поинтересна ситуација.
Турски чочек, пајдушко оро, шота се учи во играорната група на наставничката по историја Илза Карамети. Но, таа, иако со диплома по историја, предава и географија и музичко во паралелките на албански јазик.
Како испадна вие како историчар да предавате и музичко и географија?, ја прашува 360°.
„Ако го сакаш образованието, тогаш многу е лесно, предавањето е лесно, за мене е лесно, тоа е нешто што го сакам, значи тоа е музиката, a географијата се поврзува со историјата, историчарите и географите се заедно.“ – вели наставничката Карамети.
Фехми Скендер, кој е наставник по информатика, предава и математика и физика. Тој смета дека државата треба час поскоро да го реши проблемот зашто со несоодветни наставници, учениците се стекнуваат со слаби знаења и потоа тешко се решаваат да студираат, на пример, физика или хемија.
„Нестручниот кадар нема да даде стручни резултати. Тоа е општо правило во образованието. Секој си ја работи онаа работа која може најубаво да ја работи. А секој еден може да има само една таква работа. Сепак, она надополнување од други наставници, можеби, во моментот го решава проблемот, но тој станува се подлабок проблем за следните генерации.“ – смета наставникот Скендер.
Директорот на училиштето вели дека пред почетокот на секоја учебна година прават анализа за тоа со какви наставници располагаат за некако да ги покријат сите предмети.
„Така успеваме да го решиме тој проблем. Децата не остануваат без наставници. Децата мора да имаат настава. Дали ние ќе земеме стручњак или нестручњак, соодветен или несоодветен – децата мора да имаат настава.“ – изјави Музафер Сулејмановски, директор на ОУ „Мустафа Кемал Ататурк“ – Општина Центар Жупа.
Раскажува дека кај младите во Жупа одамна има еден тренд – подобро ѕидар во Италија или Германија отколку наставник во родниот крај.
„Најдобрите наши ученици заминаа во Италија и Германија, заминаа во западните земји. Родителите им заминаа и си заминаја и тие. Сепак во тие земји каде што заминаа децата станаа работници, ѕидари, мајстори. Никој не се образува, ретки се тие случаи, ретки се случаите што завршуваат во Германији или Италија, нема.“ – додава Сулејмановски.
Десетина километри погоре од Жупа, во селото Новак, живее 22-годишниот Мукерим Асан. Тој решил да студира на Природно-математичкиот факултет во Скопје, наставна насока математика со физика. Така Центар Жупа ќе добие наставник по физика, а и тој ќе си обезбеди егзистенција.
„Кога јас учев во ова основно училиште, мене физика ми предаваше наставник кој имаше завршено за наставник по физичко, а тој што ми предаваше математика немаше ништо завршено, само со гимназија предаваше математика. Затоа си реков – ќе станам наставник по физика и математика.“ вели Асан.
Татко му го испраќа во Скопје каде живее во студентски дом.
Но погрешно е да се заклучи дека состојбата е ваква само во оддалечените рурални средини. Не е многу подобро ни во основното училиште „Кузман Јосифовски Питу“ во општина Кисела Вода, речиси во центарот на Скопје. Во него учениците неколку месеци беа без наставник по физика.
Топло препорачуваме да ја прочитате целата сторија на следниов ЛИНК. Ќе ви стане појасно зошто македонските ученици се на дното на ПИСА-тестирањата.