Во пресрет на 23-тото издание на OFFest, SJF Records го објави најновиот албум на оваа дискографска куќа – 𝙉𝙪𝙙𝙞𝙨𝙩 на 𝗣𝗜𝗝𝗔𝗡 𝗦𝗟𝗔𝗩𝗘𝗝.
Втората дискографска објава на Бранислав Николов и неговиот извонреден бенд Пијан Славеј својата промоција ќе ја има утре во кафе книжарницата „Буква“.
Вториот студиски проект на ПИЈАН СЛАВЕЈ се состои од 4 композиции, во вкупно времетраење од 17 минути. Автор на текстовите е Бранислав Николов, а музиката и аранжманите се дело на групата. Песните се снимени, миксани и продуцирани од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на омотот е дело на уметникот Владимир Лукаш. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.
На албумот музицираат:
Бранислав Николов: вокал, мини електрично пијано
Пеце Трајковски-Брада: гитара, синтисајзер
Гоце Јованоски: бас
Славчо Јовев: тапани
„Нудист“ е концептуален мини-албум кој говори за сложената природа на човекот, за соочувањето со себе и, конечно, за немирот и тивкиот крик. Музиката и звукот се производ на здушниот напор на четворицата музичари кои низ овие впечатливи творби нудат пресек на индивидуалниот сензибилитет и светоглед во сегашната точка на дводецениското заедничко уметничко живеење. Четирите песни од „Нудист” се во срцето на пошироката концертна програма на бендот ПИЈАН СЛАВЕЈ, насловена како „нова македонска шансона“.
Покрај физичкото компакт-диск издание, „Нудист“ ќе биде достапен, веќе од овој петок (31 мај), и на сите популарни глобални дигитални платформи и стриминг сервиси (Bandcamp, Spotify, Deezer, Tidal, Apple Music, Youtube…)