Жирафата Орка, која почина пред една седмица, имала воспаление на дванаесетпрсното црево и на тенките црева, а имала и бронхитис.
Ветеринарите што ја посетиле жирафата утрото пред да угине, во 6:30 часот ја затекнале како одмара, без никакви симптоми.
„Загубата на Орка е ненадоместлива за сите вработени и за сите поддржувачи. Ретко ги фалам вработените, но овојпат, ќе кажам дека некои од нив си го ризикуваа животот. Успеавме еднаш да ја повратиме Орка во живот, но за жал, бевме немоќни да сториме повеќе“, вели директорката на Зоолошката градина Татјана Стаменов.
Според обдукцијата, три ипол години стариот мажјак немал срцева мана, ниту скршен врат, ниту какви било други повреди, соопшти деканот на факултетот за ветеринарна медицина, професор д-р Дине Митров.
„Наша екипа беше на лице место. Спрема големината на животното, обдукцијата беше извршена овде, на лице место. Беа земени материјали. Исклучена е секаква шпекулација, срцето е сосема во ред, нема никакви вродени мани. Понатаму, нема проблеми со желудникот и преджелудниците, меѓутоа кај дванаесетпрсното црево и со тенките црева станува збор за многу силна реакција, воспаление со крварење во фаза на изумирање на клетките кои го препокриваат тој дел од трактот. Нема проблеми со мускулите, коските и зглобовите, бидејќи во изминатите делови се шпекулираше дека имала повреда со `рбетот, вратот, карлицата, тоа е исклучено. Направени се многу снимки на вратниот и `рбетниот столб“објасни Митров.
Орка на скопската Зоолошка градина ѝ беше подарена од компанијата „Орка Холдинг“.