Нуредини: Водно конечно стана заштитен предел, тоа ќе овозможи заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности

„Водно конечно стана заштитен предел и доби интегрирана заштита“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање – Насер Нуредини, откако Владата, токму на предлог на МЖСПП, на синоќешната владина седница на Водно му додели статусот на заштитено подрачје согласно законодавството за заштита на природата.

„Планината Водно долго време чекаше на добивање на статус на заштитено подрачје согласно постојното законодавство за заштита на животната средина, кое е единствената алатка за овозможување на ваква правна интегрирана заштита во Република Северна Македонија. Работевме напорно за исполнување на нашата обврска за ревалоризација и прогласување на заштитените подрачја како Министерство и се потрудивме да ја обезбедиме максималната заштита согласно законот. Сега следи процесот на подготовка на потребните акти и планот за управување со конкретни мерки, за кои исто така ќе има процес на јавна консултација и ги поканувам експертите и целата јавност да учествуваат во операционализацијата на оваа заштита на вистинскиот начин“, изјави Нуредини по седницата.

Со прогласувањето на дел од Водно за заштитено подрачје согласно националната регулатива, истакна министерот, ќе се овозможи заштита, зачувување и одржливо користење на природните вредности.

Меѓу другото, со одлуката Градот Скопје е назначен како субјект за управување кој ќе се грижи за подрачјето, а ќе се донесе и План за управување кој во себе ќе ги вгради сите потребни мерки и активности за заштита на природата, а особено мерки за управување со просторот и утврдување на систем на мерки и активности за заштита од пожари и други природни катастрофи, меѓу кои и мерките за заштита од ерозија, информираше Нуредини.

„Препознавајќи го исклучителното значење на планината Водно и нејзините повеќекратни функции за околните населени места и Градот Скопје, по екстензивните јавни консултации и усогласувања на предлогот, беше извршено дополнување на Одлуката со што се предвидува подготовка и на Просторен план на подрачјето, се обезбедува на исполнување на обврската на локалната самоуправа за утврдување на границите на ерозивни подрачја, како и се забранува изградба на нови објекти, доградба и надградба на постојните и проширување на урбаните опфати на населените места на територијата на заштитениот предел – Водно“, прецизираа од МЖСПП.

„Важно е што Водно ја доби заштитата согласно постојното законодавство, а во меѓувреме доколку се изработи нова идеја за подобра заштита и регулатива, таа секогаш може да биде дополнително предложена и изгласана од Собранието“, укажа министерот Нуредини.

- Реклама -