НП „Галичица“: Пожарот деновиве ќе ја намалува својата кулминација, луѓето да бидат спокојни

Пожарот од северната и источната страна на националниот парк се очекува пополека да биде ликвидиран во текот на денот, додека за гасење на огнот кој го има зафатено западниот дел на Галичица денеска се очекува интервенција од три авиони и хеликоптер, информира Ѓуро Јовчевски, одговорен за противпожарна заштита на НП „Галичица“

Пожарот на Галичица деновиве ќе ја намалува својата кулминација, луѓето да бидат спокојни и да не шират паника, порача попладнево во видеоизјава Ѓуро Јовчевски, одговорен за противпожарна заштита на НП „Галичица“.

Вели дека пожарот од северната и источната страна на националниот парк се очекува пополека да биде ликвидиран во текот на денот, додека за гасење на огнените јазици кои го имаат зафатено западниот дел на Галичица денеска се очекува интервенција од три авиони и хеликоптер.

Во текот на денешниот ден, вели Јовчевски, осигурена е источната страна на Галичица вдолж Преспанското Езеро, каде што е зафатена чамова и букова шума. Деноноќно се гаси и пожарот на северниот дел од националниот парк.

Според него, најкритична точка е пожарот на крајниот северозапад кај локалитетите Зли дол, Пропаст, Страчка кон Војтино, каде што поради непристапен терен, но и источниот ветер кој го реактивирал огнот, како што вели Јовчевски, најитно е потребно гасење со помош на воздухоплови.

„Работиме уште западниот дел да го осигураме и сметам дека пожарот во овие денови ќе ја намалува својата кулминација. Да бидат спокојни луѓето, да не се шири паника. Нема да има никаков проблем ни по населението ни по човечките животи“,

вели Ѓуро Јовчевски, одговорен за противпожарна заштита на Националниот парк „Галичица“.

Јовчевски информира оти движењето на моторните возила преку Галичица е безбеден.

Тој изрази и благодарност до сите ангажирани во гаснењето на огнените јазици, од НП „Галичица“, доброволци од НП „Пелистер“, паркот „Езерани“, противпожарната единица од Ресен, волонтери од Преспа, од охридските села, од Охрид, од Противпожарното друштво од Свети Николе, Спасителната служба „Патагонија“, како и до ДСЗ и ЦУК од каде се ставени на располагање воздухопловите.

- Реклама -