Новооткриените пештери на Месечината погодни како локација за научни колонии

Анализите на фотографиите од Месечината конечно ја завршија долгогодишната дебата за тоа дали има пристапни делови под површината на Месечината, каде што ќе може научниците и идните мисии да се кријат од суровата атмосфера.

За постоењето на пештерите се дискутираше со децении, но сега дефинитивно е потврдено дека постојат пештери под површината на Месечината. Меѓународен истражувачки тим воден од Универзитетот во Тренто во Италија објави студија во „Nature Astronomy“ покажувајќи докази за пристапоноста на површини под површината на Месечината. Ова откритие може да биде клучно за идните колонии на Месечината.

Повеќе од 50 години, астрономите теоретизираа за постоењето на мрежа на пештери и тунели под површината на Месечината. Во 2009, тим од експерти идентификуваше длабока дупка на површината на Месечината, со што се поткрепи хипотезата за постоењето на подповршински пештери кои најверојатно се формирале како резултат на ладење на лава под површината.

„За овие структури се теоретизираше повеќе од 50 години, но сега е прв пат да го покажеме нивното постоење“ рече Лоренцо Брузоне од Универзитетот од Тренто, координатор на истражувањето.

За да се направи ова откритие, истражувачите прегледувале податоци снимени во 2010 година од инструмент за радио фреквенции, кој истражувал површини на Месечината за идни мисии.

„Ги анализиравме овие слики со сложени технологии за обработка на сигнал неодамна развиени во нашата лабораторија и откривме дека дел од радарските рефлексии од областа на Морето на спокојството може да се припишат на подземен канал“, вели Брузоне. „Ова откритие го дава првиот директен доказ за пристапен карпест тунел под површината на Месечината“. Анализата на податоците, исто така, им овозможи на истражувачите да конструираат модел кој го претставува почетниот дел од тунелот.

Наодите би можеле да имаат важни импликации за идните мисии на Месечината. Метеоритите и радијацијата ја прават околината на Месечината непријателска кон луѓето – космичкото и сончево зрачење се до 150 пати помоќни од оние на Земјата, а заканата од метеорити е континуирана. Затоа треба да се најдат заштитени области за места за слетување на сонди или за изградба на долгорочна лунарна инфраструктура. Затоа, астронаутите еден ден би можеле да најдат засолниште во овие пештери.

- Реклама -