И годинава, Град Скопје, во рамки на манифестацијата „Новогодишните бои на Скопје“, традиционално ќе избира најубаво украсен двор од индивидуална станбена куќа, тераса од стан, угостителски објект (надворешно) и најубаво украсен двор на средно училиште.
Заинтересираните граѓани и правни субјекти кои сакаат да учествуваат во манифестацијата, односно да се натпреваруваат за најинтересно и најкреативно новогодишно украсување, можат да се пријават на телефонскиот број 3297 265, од 9 до 16 часот, од 11 до 23 декември 2013 година.
Фотографиите од украсените објекти, заедно со податоците за сопствениците, телефонскиот број и адреса, учесниците може да испраќаат на интернет-адресата mediumi@skopje.gov.mk или по пошта на адреса булевар „Илинден“ бр.82, со назнака за манифестацијата „Новогодишни бои на Скопје“.
Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија која ќе биде составена од претставници на медиумите.
Градот Скопје и годинава обезбеди награди од 10.000 денари, што ќе им бидат доделени на првонаградените од трите категории, фирмата ФАС-ВАС Васко ДООЕЛ ќе им додели ваучери во вредност од 2.000 денари, а ЕВН Македонија ќе ги ослободи од плаќање на сметката за потрошена електрична енергија за декември 2013 година.
Наградите на најуспешните на крајот на месецов ќе им ги додели градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски со претставници од ЕВН Македонија. :