Трн: Како објектите од брутализам и модерната архитектура влијаат врз твоите дизајни на честитки за новата година?
Тијана: Тие се почетната точка во создавањето на празнична приказна. Главна причина зошто почнав воопшто да креирам честитки, за да можат луѓето да се поврзат со одредени објекти и места врз база на меморија, спомени, носталгија, а од друга страна да создадам топла празнична атмосфера што ќе поттикне позитивно поистоветување и навраќање кон тие спомени, и желба за споделување на убавите емоции со други луѓе преку пораки на честитките.
Трн: Кои сѐ објекти ти биле досега предмет на интерес ?
Тијана: Па дефинитивно брутализмот најмногу, мислам дека е и најзастапен во сите дела што ги имам до сега не само кај честитките, меѓутоа би сакала малку да истражам и од традиционалната и еклектична архитектура во Македонија, сметам дека има доста интересни примери што заслужуваат малку повеќе вреднување и внимание.
Трн: Што мислиш за културата на пишување честитки за нова година? Праќаат ли луѓето сѐ уште честитки?
Тијана: Мислам дека новогодишните честитки, па воедно и сите честитки за роденден, за било која убава прилика се важни за споделување позитивни мисли и желби за луѓето што ни се блиски. И многу ми е мило што последниве години забележувам дека се враќа интересот за пишување и испраќање честитки како едно носталгично навраќање кон некои поедноставни времиња. Можеби е чудно, бидејќи живееме во дигитално доба и развиена технологија, но кај нас сеуште постои вреднување на старите едноставни начини.
Трн: Дали си задоволна од продажбата на честитките?
Тијана: Да сум, веќе трета година дизајнирам новогодишни честитки инспирирани од македонската архитектура, и секогаш сум изненадена од позитивниот feedback и од интересот на луѓето, посебно што има заинтересирани луѓе од сите возрасни групи и професии. Но најмногу ме исполнува радоста на луѓето кога ќе им ги доставам и нетрпеливоста да си ги напишат и да ги испратат на своите блиски не само во Македонија, туку и ширум светот.
Трн: Кои аспекти од овие архитектонски стилови ти претставуваат најголема инспирација при креирањето на твоите честитки?
Тијана: Експресивното надворешно обликување на објектите ми е главен фокус во делата, воедно и најголема инспирација.
Трн: Кои елементи или дизајнерски детали ги вклучуваш во твоите честитки, што ги прават уникатни и впечатливи?
Тијана: Можеби најмногу внимание обрнувам на атмосферата што сакам да ја создадам, најчесто носталгична, меланхонична или романтична, атмосфера што ќе побуди некои чувства, а мислам дека уникатното нешто што ги издвојува е главниот фокус на архитектурата, на објекти кои се неразделен дел од нашето секојдневие.
Трн: Како твојот архитектонски поглед се пренесува во дизајнерскиот свет и дали планираш да се потпишеш на некои други проекти во иднина?
Тијана: Мислам дека архитектонското знаење многу се одразува на начинот на кој се восприема околината, светот и се што не опкружува, вклучително и начинот на кој се создава уметност, илустрација, колаж, скулптура. Во моментот немам некои актуелни проекти, но имам планови за во блиска иднина, идеи што би сакала да ги реализирам и потенцијални соработки за кои би ми било ептен задоволство да ги остварам.
Трн: Какви емоции или пораки сакате да пренесете преку твојот дизајн на честитки, користејќи ги аспектите на модерна архитектура?
Тијана: Духот и топлината на празничната атмосфера, магијата на зимскиот амбиент, вредноста на заедништвото и топлата прегратка, убавината на споделување радости со блиските луѓе.